Во Собранието сè уште не е доставена оставката на Заев

1 min read

Во Собранието сè уште не е доставена оставката на премиерот Зоран Заев, потврдија собраниските служби.

Претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев на 31 октомври поднесе оставка од двете функции по завршувањето на вториот круг од Локалните избори. – Ја преземам одговорноста врз себе за лошите резултати од овие избори, рече Заев и додаде дека останува дел од партијата.

Коалициските партнери на премиерот Заев се против неговата оставка и против ново парламентарно мнозинство.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција најави дека до понеделник ќе чекаат премиерот Зоран Заев да ја достави оставката до Собранието. Ако тоа не се случи, најави дека ќе ја почнат постапката за иницијатива за оставка на Владата.

Оставката на премиерот Заев повлекува оставка на целата Влада што треба да биде констатирана од Собранието, но останува да ја врши должноста до изборот на новиот владин состав.

Според член 219 од Деловникот на Собранието „оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи… Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката”.

Во член 220 понатаму се вели дека „Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата”.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Девет бунтовнички групи се собраа против етиопската влада и најавија марш кон Адис Абеба

Следно

Мото ГП: Пол позицијата за Бањаја со рекорд на патеката

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian