Историско истражување: ХПВ вакцината ја намалува појавата на рак на грлото на матката за 90 отсто

2 mins read

Вакцината против хумано папилома вирус (ХПВ) ги намалува случаите на рак на грлото на матката за речиси 90 отсто, покажа големото британско истражување.

Британската добротворна организација за истражување на ракот ги опиша овие наоди како историски, бидејќи покажуваат дека вакцината спасува животи, пренесува Би-би-си.

„Речиси сите видови рак на грлото на матката се предизвикани од вирусите, а се надеваме дека вакцинирањето може целосно да ја елиминира оваа болест“, порачуваат од организацијата.

Истражувачите истакнале дека овој успех значи дека на оние кои се вакцинирани можеби ќе им бидат потребни и мошне помалку тестови на брис на грлото на матката.

На девојчињата им се нуди оваа вакцина на возраст од 11 до 13 години, а вакцината им се нуди и на момчињата од 2019 година.

Студијата, објавена во научното списание „Лансет“, го анализира развојот на настаните откако вакцината беше воведена за девојчињата во Англија во 2008 година. Тие ученички сега се во своите дваесетти години, а студијата покажала намалување и на претканцерогените израстоци и 87-процентното намалување на случаите на рак на грлото на матката.

„Ефектот на вакцината е огромен“, изјавил проф. Питер Сасиени, еден од истражувачите од Кралскиот колеџ во Лондон.

Севкупно, студијата покажала дека ХПВ-програмата спречила околу 450 случаи на рак и 17.200 претканцерогени состојби.

Во овој момент, жените се повикуваат на брис на секои три до пет години за да се открие ракот на грлото на матката, а постојат повеќе од 100 видови на хумано папилома вирус.

Велика Британија почна да користи вакцина што штити од два типа вируси и наскоро ќе воведе вакцина што штити од девет типа вируси, вклучувајќи ги и главните причинители за гениталните брадавици.

99 отсто од случаите на рак на грлото на матката се предизвикани од хуман папилома вирус, па токму затоа повеќе од 100 држави почнаа да ја користат вакцината како дел од плановите на СЗО да се искорени оваа болест.

 

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Хрватска повторно се тресе: Граѓаните во страв од страшните сценарија од Петриња

Следно

ВИДЕО | Осум лица загинаа на концерт: Ужасно стампедо во Хјустон, пожарникарите ги спасуваа луѓето

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian