Марилија Мендонса, една од најпопуларните бразилски поп ѕвезди, загина откако малиот приватен авион со кој патувала се урнал во југоисточната држава Минас Жераис.
Дваесет и шестгодишната Мендонса загина вчеравечер додека патувала на концертот што требаше да го одржи во Рио де Жанеиро.
Во несреќата загинал и продуцентот на Мендонса, Енрике Рибеиро, нејзиниот вујко и асистент Абисиел Силвеира Дијаз Фиљо, пилотот и копилот, пренесува Ројтерс.
Веста за нејзината смрт на социјалните мрежи ја потврди нејзиниот тим.
„Со огромна тага ја потврдуваме смртта на пејачката Марилија, нејзиниот продуцент Хенрике Рибеиро, нејзиниот вујко и советник Абисиел Силве Диас Фиљо и пилотот и копилотот кои засега нема да ги именуваме. Авионот полета од Гојанија во Каратинг, каде Марилија настапи синоќа. Ова се сите информации што ги имаме во моментов“, напишаа тие.