Стоматолог Илија Караманов: Циркуларниот кариес на горните запчиња е резултат на пиењето млеко за време на спиење

3 mins read

Најпозната промена на забите претставува кариесот. Сите имаме слушнато за кариес и знаеме дека тоа значи расипан заб, но малкумина од нас го прават тоа што е најважно за негово навремено откривање и санирање.

Кариесот претставува размекнување и пропаѓање на тврдата забна супстанција. Настанува како резултат на меките наслаги наталожени на забите, кои се богати со микроорганизми кои продуцираат свој метаболит, кој, пак, од своја страна создава кисела средина. Најпрво почнува да се деминерализира глеѓта на забите. Потоа тие киселини навлегуваат подлабоко во самата глеѓ, за во еден момент да дојдат до следниот слој на забот, наречен дентин. Заради цевчестата градба на дентинот и заради тоа што тој е значително помек од глеѓта, продирањето на кариесот низ дентинот е многу побрзо и помасовно, а како краен резултат е продорот на микроорганизмите во пулпата (нервот) и негово воспаление. Ова во кратки црти е описот на појавата и продирањето на кариесот во внатрешноста на забот.

Кариес на млечни заби
На кариес се подложни и млечните и трајните заби. Во млечната дентиција е најраспространет циркуларниот кариес, кој ги зафаќа, пред сѐ, предните горни запчиња, а се јавува како резултат на користење на сокови и млеко за време на спиење. Останатите запчиња, исто така се подложни на појава на кариес, исклучиво заради недоволната хигиена и консумирање храна која ја потпомага неговата појава. Таков тип на храна се шеќерите и недоволниот внес на цврсто, сирово овошје и зеленчук. На санирањето на кариесот во млечната дентиција треба да му се пристапи со огромно внимание. Најчесто се интервенира симтоматски, односно да се елиминира појавената болка. Инсистирањето на санирање на секоја кариозна точка може да има и контра ефект. Трауматизирање на детето треба да се избегнува до максимум.

Кариес кај возрасните
Кај возрасните нема компромис. Овде мора да нагласиме дека редовниот преглед кај својот стоматолог, гарантира откривање и навремено санирање на сите засегнати запчиња. Вашиот лекар е тој што може да ги открие сите расипани делови за кои пациентот не е ниту свесен дека постојат. Не треба да се чека да ни се појави некоја дупкичка за да се јавиме кај лекар. Уште поголема грешка е да се чека да се појави болка. Тогаш е веќе доцна. Кариесот ја зафатил пулпата и следува една многу покомплицирана, па и поскапа интервенција. Треба да се знае и тоа дека, мртов заб (без нерв) и витален заб, воопшто не е исто. Мртвиот заб ја менува бојата со текот на времето, потемнува и станува покрт, така што при нормален притисок може да дојде до негово поткршување. Со други зборови, треба да се трудиме редовно да ги санираме и најмалите промени, со цел зачувување на виталитетот на нашите заби.

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: Силно невреме во БиХ предизвика голема материјална штета

Следно

МВР уапси крадец баран за затворска казна поради кражба

Latest from Blog

Перишиќ се сели во Лондон

Хрватскиот репрезентативец Иван Перишиќ одлучи кариерата да ја продолжи во Премиер лигата и тоа во екипата

MacedonianEnglishAlbanian