Косовскиот премиер Албин Курти ја обвини српската влада дека се заканува дека ќе започне нова балканска војна за да извлече отстапки од Западот и го обвини претседателот на Србија дека се однесува како „Германија меѓу двете светски војни“, во интервју за „Дејли телеграф“.
Тој предупредува дека неодамнешните кризи во Косово и во Босна и Херцеговина би можеле да ескалираат доколку западните влади не го сфатат сериозно.
Според текстот, Србија „распоредила војници на границата со Косово во септември, а етничките Срби кои протестирале се судриле со косовската полиција на север минатиот месец“.
Претходно оваа недела, високиот претставник на ОН во Босна и Херцеговина додаде дека Дејтонскиот мировен договор од 1995 година е блиску до колапс.
„Мислам дека дефинитивно е поопасно од порано, тие сакаат да се однесуваат како Германија меѓу двете светски војни: „Ако нè биде по наше, ќе испровоцираме уште една.“ Затоа што тие направија една рунда во 1990-тите. Србија на име воени трошоци ќе видите дека вртоглаво троши во последниве години. За кого го купуваат сето тоа?“, праша Курти.