Надежни ветувања во Глазгов: Глобалното затоплување ќе се ограничи на 1,8 степен!

2 mins read

Ако светските лидери ги спроведат ветувањата дадени на самитот за климатските промени во Глазгов, глобалното затоплување може да се ограничи на 1,8 Целзиусов степен над прединдустриското ниво, што е приближување до декларираните, но неисполнети, цели од Парискиот климатски договор – затоплувањето да се задржи на 1,5 степен.

Ова, врз основа на нова анализа на Меѓународната агенција за енергија, попладнето го објави шефот на ИЕА, Фатих Бирол, оценувајќи го како „важен чекор во вистинска насока“. Бирол, сепак, додава дека „треба да се стори уште многу повеќе“ во борбата против климатските промени.

– Новите анализи на ИЕА покажуваат дека ако целосно се исполнат роковите за нулти емисии на штетни гасови што во Глазгов ги декларираа лидерите на учесничките на конференцијата КОП26, и ако воедно ги спроведат ветувањата за глобалното намалување на емисиите на метан, затоплувањето на планетата може да се ограничи на 1,8 степен (над прединдустриското ниво) – објави Бирол на својот профил на Твитер.

Тој забележа дека ова е прв пат откако се дебатира за проблемот за климатските промени, владите да понудат мерки што се доволно амбициозни да се ограничи глобалното затоплување под границата од 2 степени над прединдустриското ниво.

Експерти, сепак, забележуваат дека и резултатите на пресметката на Меѓународната агенција за енергија се потпираат на претпоставката дека земјите ќе ги спроведат целосно преземените обврски.

– Има едно големо „ако“. И економијата има интерес да го ограничи глобалното затоплување на 1,8 степени. Прашањето е дали ветувањата ќе бидат исполнети или ќе им се испречи политиката – вели Том Бурк, шеф на аналитичката група „Е3Г“.

Најголемиот загадувач, Кина, вети дека ќе постигне неутралност во емисиите на штетни јаглеродни гасови до 2060 година. Меѓу десетте најголеми загадувачи, најамбициозен план има Германија, да постигне неутралност во 2045 година. САД, Јапонија и Јужна Кореја планираат да не испуштаат повеќе јаглеродни гасови отколку што можат да прочистат најдоцна до 2050 година. Русија, Индонезија и Саудиска Арабија планираат таа цел да ја остварат до 2060 година, а Индија до 2070 година. Иран не се обврза да постигне неутралност во емисии на јаглеродни гасови.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Северна Македонија го честита 75-годишниот јубилеј на УНЕСКО

Следно

Георгиев се огласи по шпекулациите дека би можел да седне на лидерското столче во СДСМ

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian