Откако ја нарекуваа тикварка, Петровска послужи тикварник на отворањето на Офицерскиот дом во Битола

2 mins read

Вечерва во Битола свечено беше отворен обновениот објект на Офицерскиот дом, во пресрет на 77-годишнината од ослободувањето на градот. Во обновената концертна сала се одржува прославата по повод празникот на градот – 4 ноември, а на коктелот се служи тикварник, пишува СДК.мк.

Кога пред неколку години, градоначалничката во заминување Наташа Петровска вети дека ќе го обнови руинираниот дом, тогашната опозиција во општината ја критикуваше дека не работи и дека наместо тоа, на Фејсбук ги слика тиквите во дворот. Петровска тогаш им возврати дека „Офицерски ќе го биде“ и дека на отворањето ќе чести тикварник. Вечерва на коктелот имаше само тикварник и пијалок, а локалните политичари од опозицијата кои ја критикуваа, не беа присутни во салата, пишува СДК.мк.

Битолската градоначалничка во заминување, Наташа Петровска

На вечерашната свеченост, покрај Петровска, сепак присуствуваше новоизбраниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Коњановски. Програмата започна со видеоматеријал за постигнувањата на Петровска во четиригодишниот мандат. Но, од функционерите на СДСМ во Битола присуствуваа малкумина, според СДК.мк.

Петровска рече дека е „тешко да си градоначалник во претходно политички искомпромитирано општество“, а особено „не е лесно ако си жена во држава која сè уште се бори за родов баланс“.

-Битолчани од денес го имаат својот објект, Офицерскиот дом кој постојано ќе биде отворен. Ова е почеток на нови бројни настани, а првиот беше посветен на добитникот на наградата за животно дело, актерот Петар Мирчевски. Со овој настан се става печат на мојот мандат, бев посветена за овој објект и еве, Офицерскиот дом го отворивме на празникот на градот, рече меѓу другото Петровска.

Таа на актерот Петар Мирчевски му ја врачи наградата за животно дело, која традиционално се доделува на денот на ослободување на Битола.

Офицерскиот дом, изграден во 1909 година, има површина од над 600 квадратни метри и е опкружен со парк кој денес се именува како двор, со површина од 18.532 метри квадратни. Според тогашниот план во непосредна близина на Офицерскиот дом кој се наоѓа на Широк Сокак, на северната страна изградена е чешма која годинава беше возобновена.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Преговорите за иранскиот нуклеарен договор ќе продолжат на 29 ноември во Виена

Следно

Бензема е Реал, Французинот до историја со „кралскиот“ клуб, Милан сонува европска пролет

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian