Интервју со Маја Саздановска: Гласот од „Светот на бајките“, сега е дел од МОБ и прв придружен вокал на Калиопи

5 mins read

Ја паметиме како една од трите слатки девојчиња што ја отпеаја песната „Во светот на бајките“. Маја тогаш беше десетгодишно девојче. A, ако сакате да слушнете како звучи сега, доволно е да го ѕирнете нејзиниот инстаграм-профил.

Маја Саздановска „жареше и палеше“ на македонската поп-сцена со хитовите „Ти си мојот виртуелен грев“, „Фидбек“, и во 2000-те беше една од омилените домашни пејачки со специфичен глас и харизматична појава.

Ја прашавме Маја каде е, што прави и како е да се биде дел од најплодната ера во македонската музика, кога имавме разновидни стилови и поинаков пристап кон слушањето македонска музика. Екслузивно за „Слободен печат“, Маја ни откри неколку интересни нешта за себе, но и како се доживува себеси во музичкиот етер низ годините.

Maja Саздановска
Маја Саздановска/Instagram

Од „До Ре Ми“ со „Глушец ушец“, до настапи како придружен вокал на Калиопи. Години и години музика во вас, Маја. Каде сте сега и што помислувате кога ќе се присетите на почетоците?

– „Проклетството“ да се биде секаде каде што е музиката е мојата водилка, директно или индиректно – своја на своето, веќе шест години сум во Националната опера и балет, како организатор во операта и директен играч во целокупната подготовка на една оперска продукција. Не на сцената, но до првата проба на севкупниот ансамбл – будно ги следам и активно учествувам во ткаењето на една оперска приказна – од нејзината идеја до реализација. Ме прави среќна, ме исполнува и уживам во работата. Кога ќе се сетам на своите почетоци, сега можам слободно да прославам 32 години музичка кариера. Имав шест години и татко ми пред снимање ми даде да се напијам малку „кока-кола“, а веќе при првите обиди на снимање во големото студио во Македонското радио, двајцата бевме искарани од продуцентот Славе Димитров дека тоа многу му наштетило на мојот глас!

Македонската музичка сцена ве памети по хитовите „Фидбек“, „Виртуелен грев“… Таму сте младост и талент во едно – како ви се чинеше тоа време тогаш, наспрема денешната состојба на македонската сцена?

– Се мислам дали да бидам нескромна и да кажам дека тогаш се чувствувавме како вистински музичари, кои градат стабилна и издржана кариера, а за сето тоа потврда даваше публиката, верна и непристрасна. Дали бевме сите жедни за уметноста и немавме граници, дали нашата искреност беше признена уште на самите почетоци, времето ќе сведочи, но правевме музика која ќе трае и тоа ни беше најбитно.

Знаеш, споредбите ги прават возрасните, тие кои изоделе некаков животен пат, а јас сѐ уште не сакам да се ставам во таа категорија. Сето она што се менува и се адаптира со моментални трендови и стилови и желби на публиката, мислам дека би било неправедно да се споредува, со некогаш и сега – и сосема е нормално младите да се поистоветуваат со моменталното време во кое живеат.

Вие сте дел од групата придружни вокали на Калиопи. Како е да се соработува со музичар од светски „ков“ и да се биде во нејзиниот свет?

Маја и Калиопи
Maja и Калиопи/ Instagram

– Би започнала да го одговарам ова прашање со набројување: привилегија, благослов, професионалност, семејство, љубов, почит, уметност, третман… не можам да застанам! Тоа е магичен свет, морам да споменам дека Калиопи е југословенска ѕвезда, која сѐ уште го ужива истото внимание и третман од публиката, пречекувана и сакана со сите почести, и верувајте, за времето во кое живее и затвореноста на нашата држава, ние сме благословени што ја имаме можноста и честа да ја делиме сцената и нејзинот свет со неа.

Дали во иднина можеме да очекуваме од вас авторска музика или враќање на сцената?

– „Никогаш не вели никогаш“ – моето животно мото! Би сакала повторно да пеам, кога ќе потсоберам уште малку животна мудрост, да имам што да кажам, да е поинаку од она што било досега, да „држи вода“ и да не те остава рамнодушен. Како и секој музичар сѐ уште се воодушевувам секојдневно на музиката во светот, а како ќе ми запее пилето пак – за тоа сега немам одговор.

Да имате шанса, со кого би пееле во дует, на пример, од светската сцена?

– Па, бројот е голем, желбите екстремни, но Стиви Вондер би бил мојот избор.

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Полицијата во Мостар пронајде врзана полугола девојка во напуштена зграда

Следно

Протести во Киев против сертификатот за вакцинација

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian