Девојче грабнато од шатор пред 18 дена пронајдено живо и здраво, заклучено во куќа

4 mins read

Клио Смит, четиригодишното девојче што пред речиси три недели исчезна додека семејството кампувало во природа кај австралискиот град Перт, денеска е пронајдено живо и здраво во куќа и ѝ е вратено на мајката.

– Таа физички е добро. Тоа го потврдија и во болницата во која ја прегледаа – изјави наредникот Камерон Блејн, еден од четворицата офицери што ја пронашле и спасиле Клио.

Полицијата потврди дека девојчето било грабнато и најави дека наскоро ќе бидат поведени обвиненија. Полициската екипа го пронашла девојчето само во соба во заклучена куќа во работничкиот кварт Брокман во гратчето Карнарвон, стотина километри јужно од местото на кое исчезнало.

– Ова секако е најрадосниот момент во мојата кариера. Девојчето седеше во собата. Ја прашав како се вика. Секако личеше на Клио, но сакав да бидам апсолутно сигурен дека е таа. Еден колега скокна и ја зеде во раце. Таа одговори дури на третото прашање: „Моето име е Клио“. Толку беше. Ја зедовме и ја напуштивме куќата – изјави високиот детектив Камерон Блејн.

Мајка ѝ последен пат ја видела Клио кога побарала вода во 1.30 часот по полноќ на 16 октомври во семејниот шатор во популарниот излетнички камп Блоухолс Шек кај Маклиод, 900 километри северно од Перт. Кога утрото се разбудила помладата ќерка, во другата просторија во шаторот ја немало ни Клио ни нејзината црвена вреќа за спиење. Вратата на шаторот била отворена и мајката категорично ѝ тврдела на полицијата дека девојчето самото не можело да ја отвори и да излезе.

Австралиската полиција спроведе масовна потрага по детето и, стравувајќи дека е грабнато, понуди награда од 1 милион долари за информација што би водела до нејзино пронаоѓање. На случајот бил ангажиран специјален тим од 140 детективи, кои истражиле повеќе од 1.000 дојави од граѓани. Биле спроведени низа потраги на теренот со извидувачки авиони и дронови.

Случајот предизвика и големо меѓународно внимание, па кај излетничкото место пристигнале и „трагачи на награди“ од странство во обид да го пронајдат детето и да ги заслужат понудените милион долари.

– Детективите пребарува низ илјадници информации, како да бараат игла во стог сено. Доцна синоќа тие успеаја да ја пронајдат таа игла и пристигнаа на адресата на куќата во која беше заклучена Клио – изјави Кол Бланч, заменик на полицискиот комесар на сојузната држава Западна Австралија.

На сослушување бил приведен е 36-годишен маж, сопственик на домот во кој била пронајдена Клио, но вчера не беше потврдено дали тој е осомничен за грабнувањето. Куќата во која било пронајдено детето била само 3 километри од нејзиниот дом, но далеку од местото на кое било грабнато. Мажот не им бил познат на родителите на Клио и за него се откриени малку детали, освен дека во двособната куќа живеел сам.

Жители на истата улица изјавиле за телевизијата „Еј би си њуз“ дека се посомневале во соседот кога виделе дека купува пелени. Полицијата не потврди дали пријава на сосед придонесла за пронаоѓање на Клио.

Полицискиот комесар Крис Досон изјави дека првите информации што укажале на адресата биле добиени само еден ден пред акцијата.

– Ова се прекрасни вести. Да се пронајде мало девојче, ранливо мало девојче, по 18 дена… Луѓето очигледно стравуваат од најлошото, но важно е дека никогаш не изгубивме надеж – изјави Досон. Тој додаде дека за успехот на спасувачката операција придонесле многу фактори и дека е малку веројатно дека некој ќе ја побара наградата од 1 милион долари.

Премиерот Скот Морисон го сподели со јавноста своето лично задоволство поради тоа што девојчето е пронајдено живо и здраво.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Збогум за дивите депонии – Новите скопски градоначалници прво се фатија да ги исчистат општините

Следно

Варвициотис: Ако се врати националистичката реторика кај соседите, ќе ја редефинираме позицијата за евроинтеграцијата

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian