На вториот ден од четвртото коло од групната фаза во Лигата на шампионите се одиграа првите два натпревари. Реал Мадрид дојде до третата победа, откако на „Сантјаго Бернабеу“ го совлада Шахтјор со 2:1, а Милан и Порто одиграа 1:1 на „Сан Сиро“.
Реал дојде до нова победа и направи голем чекор кон пласман во осминафиналето. Најзаслужни за новата победа има напаѓачкиот тандем Винисиус Јуниор – Карим Бензема. Првиот асистираше, а вториот ја тресеше противничката мрежа. Воедно Французинот со златни букви влезе во историјата на мадридскиот клуб како стрелец на 1.000 голови во Купот на европските шампиони/Лигата на шампионите.
Историскиот гол на Бензема беше постигнат во 14 минута. Не се предаваше украинскиот клуб кој во 39 минута израмни преку Фернандо. Во 61 минута повторно проработе врската помеѓу Винисиус и Бензема, а најдобриот стрелец на Мадрид го постигна вториот гол и му донесе победа на Реал.
Karim Benzema scored a brace for Real Madrid today. His first strike helped Los Blancos to become the first club in European Cup/Champions League history to score 1000 goals. pic.twitter.com/TVSY0xLAlO
— iDiski Times (@iDiskiTimes) November 3, 2021
„Кралевите“ се први во групата „Д“ со девет бодови, додека Шахтјор е четврти со еден бод.
Милан по седум години се врати во Лигата на шампионите, но очигледно нема да оди подалеку од групата. И не само тоа, туку мали се шансите „росонерите“ да успеат и воопшто останат во Европа сезонава, барем во Лига Европа. Се чини дека последната шанса беше евентуална победа против Порто, но португалскиот тим остана непоразен на „Сан Сиро“.
Заврши мечот со резултат 1:1, Порто поведе во шестата минута откако Грујиќ извонредно го пронајде Дијаз. Португалците имаа уште неколку шанси за зголемување на предноста, а кога не се реализираат, доаѓа казната која следуваше во 61 минута. По ударот на Калулу, кој на полувремето го замени Калабри, топката на патот кон голот го зафати несреќниот Ембембо и заврши во мрежата на гостите. Милан бараше уште еден гол кој ќе му донесе победа и ќе го остави во конкуренција за првите две позиции во групата. Ибрахимовиќ постигна гол во 83 минута, но беше поништен поради офсајд.