Светската организација ВВФ и Еко-свест реагираат на владиниот план за ски-центар на Јабланица

3 mins read

По изјавата на Директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Дејан Павлески за планираната изградба на луксузни ски-центри на Јабланица, Светската организација за заштита на природата – WWF, заедно со домашната организација Еко-свест реагираат дека овие планови се во спротивност со заштитата на природата и со меѓународните стандарди.

„Само пред две години, Споменикот на природа „Вечански извори“ кој се протега на 1370 хектари на планината Јабланица го доби својот План за управување кој овозможува активна заштита, како резултат на напорите на Општина Вевчани и Еко-свест. Важноста на ова подрачје ја потврди и одлуката на Владата да ја прогласи планината Јабланица за национален парк. Потсетуваме дека во Планот за управување, пределот над Вевчани не е предвиден за изградба на ски центри и хотелски комплекси, а генерално, изградба на инфраструктура за масовен туризам не е дозволена“, се вели во реакцијата.

Во 2019 година, по неколку-годишни напори од општината и Еко-свест, Споменикот на природата „Вевчански извори“ го доби Планот за управување и се оспособи за активно да го штити и унапредува. Подрачјето зафаќа 1370 хектари од планината Јабланица, за која има одлука од Владата да се прогласи за национален парк. Согласно Планот за управување, во подрачјето над Вевчани, нема место за ски центри и хотелски комплекси, велат организациите.

„Една од препораките во последниот експертски извештај од Бернската Конвенција за нашата земја е дека е потребно усогласување на просторните и секторските планови, особено за туризмот и урбаните населби со цел да се спречи понатамошна урбанизација и деградација во националните паркови и заштитените подрачја. Воедно, извештајот вели дека е потребно да се поттикнат одржливи, еколошки форми на туризам, кои се засноваат на стандардите на IUCN за туризмот во заштитените подрачја. Не смееме постојано да си дозволуваме непочитување на меѓународната заедница и ратификуваните конвенции и да одиме спротивно на овие препораки. Сите наши институции имаат еднаква одговорност да ги почитуваат овие препораки, а ваквите изјави се показател на некоординираност и неинформираност во системот“, изјави Ана Чоловиќ Лешоска, Координаторка за политики за WWF Adria во Македонија.

Дополнително, секоја инвестиција за масовен туризам за жал не носи придобивки на локално ниво и за локалното население, иако така честопати се претставува од страна на властите и инвеститорите. Ваквите проекти носат приходи за големите компании кои профитираат на сметка на уништување на природата и локалните ресурси, се вели во реакцијата на екологистите.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Новиот градоначалник на Рим планира до крајот на годината да го исчисти градот од сметот

Следно

Блатер и Платини обвинети за измама, се соочуваат со петгодишна затворска казна

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian