Стејт департмент: Ја следиме состојбата во Северна Македонија, соработката продолжува

2 mins read

САД очекуваат да ја продолжат соработката со Северна Македонија во областите од заеднички интерес, соопштија од Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски јазик, одговарајќи на барањето да ја искоментира најавата за оставка на премиерот Зоран Заев по вчерашните локални избори.

„Американската амбасада ги следи настаните по вториот круг локални избори, вклучувајќи ја и најавата за оставка од премиерот Зоран Заев“, се вели во изјавата од портпаролот на Стејт департментот.

Во изјавата се нагласува дека:

„САД ја сметаат Северна Македонија како доверлив и ценет партнер во регионот, и со нетрпение очекуваат да продолжи соработката со Владата на Северна Македонија во областите од заеднички интерес, додека го продолжува напредокот што го постигна кон евроатлантската интеграција“.

Заев вчера соопшти дека поднесува оставка на премиерската, како и на функцијата претседател на СДСМ, откако неговиот Социјалдемократски сојуз загуби на локалните избори, на кои опозициската ВМРО-ДПМНЕ победи во 42 општини, вклучувајќи го и Скопје.

Денес Заев се сретна со претседателите и потпретседателите на коалициските партнери на СДСМ. Тие по средбата изјавија дека сметаат оти мнозинството е стабилно, а потегот на Заев го оценија како избрзан и импулсивен.

ДУИ соопшти дека претседателот на партијата Али Ахмети не се согласува со одлуката за оставка, а тој вчеравечер имал „тензичен разговор“ со Заев по објавата на оставките.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека на овие избори „срушиле бариери“ заедно со Алијансата за Албанците и Левица, и оти многу веројатно ќе бидат потребни предвремени парламентарни избори.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Компанијата „American Airlines“ откажа уште 250 летови

Следно

ВИДЕО: Убедлив пораз на Барди и Леванте во Ла Лига

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian