Оставката на Заев не значи автоматски предвремени избори или пак ново парламентарно мнозинство

2 mins read

Нашиот Устав не е прецизен што треба да се случува кога премиерот ќе поднесе оставка, па досега во праксата сме имале различни ситуации, вели професорот по уставно право Јетон Шасивари за „Слободен печат“, во врска со тоа кои варијанти се можни како разврска откако премиерот Зоран Заев синоќа поднесе оставка заради поразот на локалните избори.

– Сигурно е дека според Уставот кога премиерот ќе поднесе оставка, целата влада е во оставка. Но, оставката на Заев не значи автоматски предвремени избори или пак ново парламентарно мнозинство. Ние сме имале пример кога Бранко Црвенковски победи на претседателските избпри во 2004 година и потоа поднесе оставка на премиерското место, а истото парламентарно мнозинство после тоа имаше уште две влади, односно беше избрана владата на Хари Костов, кој подоцна поднесе оставка и беше избрана владата на Владо Бучковски. Нашиот Устав е многу молчелив на оваа тема. Не е прецизен што во случај по оставка на премиерот и владата и заради тоа во минатото сме имале различни практики, кога до нова влада се доаѓало и со враќање на мандатот кај претседателот на државата, но и без враќање на мандатот, како што беше случајот со реконструкцијата на владата во 1997 година. Постои и можноста да се формира ново парламентарно мнозинство – вели Шасивари за „Слободен печат“.  

Тој вели дека во другите земји уставите прецизно ја определуваат процедурата по оставка на премиер. Како пример ја посочува Србија каде уставот изрично ја одредува постапката во која е вклучен претседателот на државата и рок од 30 дена во кој треба да се избере нова влада, а во спротивно се оди на парламентарни избори.

Според професорот Шасивари, факт е дека според Уставот владата останува до изборот на новата влада, а Изборниот законик предвидува и техничка влада на 100 дена пред избори.

Инаку, преседанот кој го споменува професорот од 1997 година се однесува на примерот кога тогашниот премиер Бранко Црвенковски по аферата ТАТ направи реконструкција на повеќе од една третина на владинот кабинет, без да го врати мандатот кај претседателот, иако е така предвидено со Уставот, а Уставниот суд одлучи да не ја разгледува преставката за кршење на највисокиот законски акт.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Историски самит во Глазгов: Светските лидери ја договараат конечната битка против климатските промени

Следно

Поранешниот селектор Игор Ангеловски главен кандидат за клупата на Хајдук

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian