Историски самит во Глазгов: Светските лидери ја договараат конечната битка против климатските промени

8 mins read

Луѓето вообразено мислат дека немилосрдно маршираме напред, всушност учествуваме во сопствената пропаст, изјави британскиот премиер Борис Џонсон отворајќи ја во Глазгов Конференцијата на Обединетите нации за климатските промени, која се смета за последна шанса за светските земји да преземат координирани чекори за запирање на постојаното глобално затоплување за да спречат стравотни последици за планетата.

Со пораката „јаглен, автомобили, пари и дрвја“, Џонсон ги сумираше главните теми на конференцијата „КОП26“. Во Глазгов утре треба да се соберат повеќе од 120 светски лидери за да ги усогласат соработката, координацијата и нужните мерки за борба против климатските промени.

Ова е 26-та средба на Конвенцијата на страните (КОП) и се смета за најважна по онаа во Франција во 2015 година, кога беше усогласен Парискиот климатски договор. На најмасовниот собир на државници во историјата, светските лидери во Париз се обврзаа да преземат мерки што би го ограничиле зголемувањето на глобалната температура на 2 Целзиусови степени над нивото од прединдустрискиот период. Парискиот климатски договор подразбираше и намалување на емисиите на штетни гасови до 2030 година за 45 отсто во споредба со 2010 година. Но, наспроти ветувањата и гаранциите, Обединетите нации објавија дека низ светот денес има за 16 отсто повеќе емисии на штетните гасови во споредба со 2010 година, што укажува дека до 2050 година може да се очекува глобалната температура да биде за 3 степени повисока од прединдустриското ниво.

– Ѕвоната за тревога се заглушувачки – порача генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, потенцирајќи ги експертските извештаи дека човештвото е блиску до точка од која повеќе нема да може да го спречи глобалното затоплување, без оглед какви мерки ќе преземе.

Американскиот претставник за климата Џон Кери ја прогласи средбата во Глазгов за „последна добра можност да се направи нешто за Земјата“.

Потписничките на Парискиот климатски договор овој пат во Шкотска треба да ги надградат и „националните придонеси“, односно ограничувањата за емисии на штетни гасови за секоја земја посебно.

Како да се исфрли јагленот?

За да се засили борбата против климатските промени, се очекуваат ветувања, гаранции и иницијативи за напуштање на јагленот како фосилно гориво за генерирање енергија, за што многу земји, особено оние што најмногу загадуваат, немаат голем интерес поради енергетската криза.

– Овој КОП треба да биде крај на индустријата за јаглен – изјави претседавачот на конференцијата Алок Шарма од британските владејачки конзервативци.

Јагленот денес сочинува 45 отсто од вкупните штетни емисии во енергетскиот сектор, но неговото отстранување нема да биде лесна задача поради зависноста на моќните индустрии од тој енергенс. Кина, на пример, произведува и троши повеќе јаглен отколку сите други земји заедно и тешко може да се очекува скоро да го исфрли од употреба, особено зашто сега поминува низ длабока енергетска криза.

Австралискиот министер за ресурси и вода Кит Пит оцени дека „индустријата за јаглен има одлична иднина во Австралија“ и дека ќе продолжи да дава значителен придонес во австралиската економија и по 2030 година. Јагленот во моментов е вториот најголем извозен производ на Австралија. И во Европа, Полска од јаглен како гориво задоволува 80 отсто од своите енергетски потреби. Премиерот Матеуш Моравјецки најави дека Полска ќе постигне нула емисии „со свое темпо“.

Важна тема на конференцијата во Глазгов ќе биде и како да се забрза преструктуирањето на автомобилската индустрија кон производство на возила со мотори што не емитуваат штетни гасови. Издувните гасови од моторните возила, според Обединетите нации, учествуваат со 14 отсто од вкупните штетни емисии, а според Парискиот климатски договор, до 2040 година сите нови автомобили мора да имаат нулта емисија штетни гасови.

Лидерите ќе бараат начини и за запирање на неконтролираната сеча на шумите, кои се природен филтер за јаглерод диоксидот во атмосферата. Поради засиленото сечење, како и поради шумските пожари, дури и амазонската прашума, која важи за „белите дробови на планетата“, од неодамна испушта повеќе јаглерод диоксид отколку што може да прочисти од воздухот. Слична е и ситуацијата во Сибир, каде што секоја година беснеат огромни шумски пожари. Британскиот премиер Џонсон повика на засадување билиони нови дрвја за да се обнови шумскиот фонд.

Богатите не им помагаат на сиромашните

Голем предизвик за борбата со климатските промени е и нејзиното финансирање. На средбата во Копенхаген пред 12 години лидерите на развиените земји ветија дека ќе издвојат 100 милијарди долари за да им помогнат на посиромашните, кои не испуштаат многу штетни гасови, а во исто време се и најголеми жртви на климатските промени. Најразвиените 20 земји во светот, кои во изминатата недела одржаа самит во Рим, испуштаат 80 отсто од сите штетни гасови со кои се загадува природата. Лидерите на Г-20 го завршија самитот со повик за „значајна и ефикасна акција за ограничување на глобалното затоплување“, но не презедоа конкретни обврски. Тие воедно не ја исполнија ни обврската преземена во Копенхаген – според Организацијата за економска соработка и развој до 2019 година биле собрани само 80 милијарди долари за помош на сиромашните земји.

Токму на многуте ветувања и неисполнетите обврски реагираат десетиците илјади демонстранти што се собираат во Глазгов за да го изразат незадоволството од недејствувањето на светските лидери.

Незадоволство, но и умерен оптимизам, изрази и генералниот секретар на ОН по самитот на Г-20 во Рим.

– Заминувам од Рим со неисполнети надежи, но барем тие не се закопани. Одиме на Конференцијата на ОН за климатски промени во Глазгов за да ја одржиме во живот целта од 1,5 степен и да ги спроведеме ветувањата за финансии и приспособувања за луѓето и за планетата – порача Гутереш на Твитер.

Путин: Русија се загрева 2,5 пати побрзо од светот

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека просечната годишна температура на воздухот во неговата земја се зголемува два и пол пати побрзо отколку во светот.

– Се соочуваме и со опустошување и со ерозија на почвата. Особено сме загрижени поради топењето на вечниот мраз, кој сочинува значителен дел од нашата територија – порача рускиот претседател во обраќање преку видеоврска до колегите на Г-20 во Рим.

Ердоган не отпатува во Глазгов

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера изутрината се врати во Анкара наместо да отпатува на Конференцијата КОП26 во Глазгов.

Претседателскиот кабинет не ја наведе причината за ненадејното враќање на Ердоган, а анонимен извор во Анкара изјави дека „имало протоколарни проблеми“.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Кинотеката ја започна втората сезона од проектот „Филмска училница“

Следно

Оставката на Заев не значи автоматски предвремени избори или пак ново парламентарно мнозинство

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian