Доктор Татјана Гуржанова: Со исхрана до подобра плодност – отстранете сѐ од бело брашно, слатки и благи сокови

7 mins read

Стерилитет или поточно инфертилитет е, всушност, неможност да се зачне или да се доноси плодот до термин кога може да биде самостоен во надворешен свет. Кога зборуваме за лекување на стерилитет, тогаш мислиме на двајцата партнери, односно ја лекуваме двојката која сака да има дете. Има многу познати медицински состојби кои доведуваат до неможност за зачнување и кои можат да се третираат. Овие медицински состојби се поделени на еднакви проценти кај женскиот и машкиот партнер, 40 отсто од причините за стерилитет отпаѓаат на женскиот партнер, 40 отсто на машкиот партнер, додека околу 20 отсто се од заедничко или од непознато потекло, вели Татјана Гуржанова, гинеколог-акушер, магистер по хумана репродукција и ембриологија.

Со помош на медицинските техники дел од нив успешно се лекуваат и доведуваат до зголемен процент на забременување кај двојката која се бори со инфертилитет (неплодност). Исто така, со брзиот развиток на ин витро технологиите, успешно се третираат и оние двојки кај кои не се докажала причината за стерилитет или истата не може да се отстрани. Но, голем број двојки не се советуваат да променат дел од навиките во исхраната и живеењето со што успешно можат да си помогнат и без сложени, некои дури и болни процедури, или ќе доведат до многу поголем успех и во ин витро методот ако се подложат на посебен индивидуален режим на исхрана, со посебен акцент на одредени додатоци во исхраната кои би имале многу висок процент на успех и во спонтаното зачнување.

Најголем успех со нутритивен пристап би имале пациентките кои страдаат од полицистични јајчници, ендометриоза, промени во хормоналниот статус, како и при лекување на машкиот стерилитет (намален број на сперматозоиди, намалена подвижност на истите итн). Третманот треба да трае три месеци за да се очекува значајно подобрување на клиничката слика.

Третман на полицистични јајчници

Една од најчестите причини за стерилитет се полицистични јајчници. Се карактеризираат со промена во односот на FSH и LH односот, односно има постојано зголемени вредности на LH хормонот, високи вредности на естроген, зголемени вредности на тестостерон, не доаѓа до овулација, последователно и до забременување. Имаат карактеристичен ултразвучен изглед (по што го добиле своето име): зголемени јајчници со здебелена срцевина-строма и со многубројни мали под 5 мм фоликули по површината на јајчникот кои изгледаат како нишка со бисери. Овие пациентки покрај стерилитет, најчесто страдаат од нередовни ретки менструации, зголемена влакнавост и појава на акни по лицето и телото, со различен степен на манифестација и застапеност. Со сигурност не може да се каже причината за овој синдром, половина од пациентките имаат зголемена телесна тежина (БМИ > 30) и кај нив е докажана инсулинска резистенција и кога истата се третира се лекува и синдромот на полицистични јајчници. Инсулинска резистенција се докажува и кај дел од пациентките со синдром на полицистични јајчници (ПЦО) со низок БМИ (body mass index). Многу интересно е кога се третира овој синдром шансите да забременат се зголемуваат за дури 80 отсто, ако се исклучени други причини за инфертилитет – стерилитет.

Нутритивна стратегија за третирање на ПЦО синдром

Основно е да се стави на индивидуален режим со кој ќе се доведе до губиток на телесната тежина и редукција на масното ткиво кај жената. Никако не смее да се држат брзи и ригорозни диети, бидејќи тие ќе доведат до губење на мускулното ткиво и течностите од телото, а најголемата продукција на естроген и негова трансформација во тестостерон настанува токму во масното ткиво. Исто така, масното поткожно ткиво е одговорно за инсулинската резистенција, како причинител на целата состојба.

Исхраната треба да биде насочена кон исхрана со низок гликемиски индекс, да се отстрани сѐ од бело брашно, слатки и благи сокови, основната енергетска вредност да биде од овошјето и зеленчукот (треба да се набави и соковник, и да се користат свежо цедени сокови од овошје и зеленчук кои ќе помогнат во детоксикација на организмот – ова е од особена важност, бидејќи ќе му овозможи на црниот дроб да се ослободи побрзо од вишокот на естроген кој циркулира во крвта). Потоа треба да се внесуваат многу мешунки (грав, леќа, боранија, соја, тофу, леблебија, лен) кои покрај тоа што се производи со низок гликемиски индекс имаат природни својства да ги регулираат и хормоните. Строга редукција на заситени масти од животинско потекло, бидејќи мрсната храна како месото и млечните производи со голема масленост, само ја влошуваат инсулинската резистенција, а во исто време преку неа најчесто се внесуваат ксеноестрогените, вештачки продукти кои се даваат на животните за подобро месо или млеко, а имаат во телото на човекот ефект на естроген, и со тоа ја влошуваат состојбата на полицистични јајчници. Значи, изворот на протеини и масти треба да биде од риба, соја, мешунки, со тоа ќе се внесат доволно количини на омега-3 масни киселини, кои покрај инфламаторниот ефект, поволниот ефект врз инсулинската резистенција имаат поволен ефект и во регулација на хормоналниот статус. Строго е забранета консумацијата на алкохол, бидејќи истиот во големи количини се однесува како естроген во телото, и ја попречува ресорпцијата на цинк, железо и Б6, многу потребни за одржување на фертилноста (плодноста). Најмногу една чаша црвено вино, кој има заштитно дејство врз крвните садови и срцето, доведува до кревање на добриот холестерол во крвта.

Од суплементи се препорачуваат: омега-3 масни киселини од рибино масло, витамини од Б групата, „saw palмetto“ – препарат за кој клинички е докажано дека ги блокира вишокот на машки хормони во крвта, растението кое расте во медитеранските краеви – „vitex agnus castus“ или калуѓерски бибер, или дрво на невиноста, кој го потикнува јајчникот да овулира и да синтетизира прогестерон. Во секој случај кој било од овие препарати како и почеток на посебен режим, не смее да се започне без консултација со гинеколог или со сертифициран нутриционист во таа област.

 

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Реакции на Балканот по оставката на Заев

Следно

Победата на Арсовска – причина за оставка на премиерот и лидер на СДСМ

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian