Арсовска со разлика од над 27.000 гласа го победи Шилегов во Град Скопје

2 mins read

Државната изборна комисија доцна синоќа ги соопшти првичните неофицијални резултати од вториот круг од локалните избори според кои Данела Арсовска е новата градоначалничка на Град Скопје.

Таа, како независна кандидатка, освои точно 27.357 гласа повеќе од својот противкандидат, Петре Шилегов од коалицијата „Најдобро за мојата општина“.

Во градот Скопје, од обработени 89,5% од гласовите, Шилегов има 78.664 гласови или 41,10%, а Арсовска 106.021 глас или 55,40%.

Со ова Градот Скопје добива жена градоначалник по точно три децении.

Вчера вечер Шилегов, кој беше градоначалник на Град Скопје од 2017 година, и ја честита победата на Арсовска. Тој изрази благодарност до сите граѓани за поддршката и рече дека во Скопје, оставиле неизбришливи трагови.

-Драго ми е што Скопје го оставивме во позиција да едноставно неговиот развој мора да помине. Ние ќе бидеме тука и понатаму за сите прогресивни сили во Скопје, да ја продолжиме борбата за Скопје да продолжи да расте како развиен и модерен град.Нема да дозволиме да ни се случи силување на градот како во минатото и едноставно на крајот на овој мандат или на крајот на мандатот кој што ми беше доверен во 2017 година, рече тој доцна синоќа на прес-конференција.

Арсвоска вчера вечер на прес-конференција се заблагодари на сите скопјани, за кои како што кажа, ја препознале човечноста наспроти црната кампања која се водела против неа.

-Голема благодарност да довербата и поддршката за визијата за поубаво, помодерно Скопје. Не можам да изразам зборови колку ми значи тоа што сите вие скопјани ја поддржавте мојата визија и што пред се одбравте да верувате во човечноста, што истакнавте дека сте против црните кампањи и што ми ја дадовте довербата следните четири години да го водам Скопје и да бидам ваш човек во градот, рече Арсовска.

Арсовска кажа дека вечерта ќе слави, а веќе од денеска ќе работи бидејќи има многу проекти кои мора веднаш да се реализираат, во првите 82 дена.

Конечните резултати, како што најави претседателот на ДИК, ќе бидат објавени денеска.

Извор: skopjeinfo.mk

Претходно

Дневен хороскоп за 1 ноември: Чувствувате нов прилив на енергија

Следно

ВИДЕО | Марковска: Имаше поткуп и заплашување, посебно интересно е од каде опозицијата извади толку пари

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian