Рецензија: „Dune“ е моќна вселенска сага

6 mins read

За „загрозените“ почитувачи на научната фантастика не постои поголем грев од лош филм сниман според ремек – дела од овој книжевен жанр. Преданите гледачи својата предност ќе ја темелат врз основа на претходното прочитаните литерарни текстови кои се екранизираат. И само така, посветеноста кон Sci-Fi жанрот ќе има смисла, само така ќе можеме да дадеме релевантна оценка колку филмуваната верзија на романот е нему достојна. Оние што ги читале Велс и Херберт, Лем и Кларк, Асимов и Дик, Гибсон и Бредбери, со сигурност ќе знаат што од филмовите треба да очекуваат. Промашувањата нема да им ги простат ниту на познати режисери.

Канадскиот режисер од Квебек, Дени(с) Вилнев, со своите три последни филмови несомнено се етаблира како автор со познавање и интуиција за вистинските вредности на книжевноста, а кои ги толкува и визуелизира во нова уметност, со што се искачи на врвот од синеастичката пирамида.

Со „Arrival“ (2016), „Blade Runner 2049“ (2017)  и „Dune“ (2021) Вилнев ја покажа својата режисерска супериорност кога се работи за научната фантастика, ги подигна високо критериумите и за наративната и за визуелната структура на идните филмови.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by #BladeRunner2049 (@bladerunnermovie)

 

View this post on Instagram

 

A post shared by MovieEnthu (@movieenthu)

„Dune“ е почетокот на пенталогијата на Френк Херберт за планетата Аракис. Со текстот на Херберт одлично се справи Дејвид Линч уште во 1984 година снимајќи верзија прилино автентична на романот, неотстапувајќи од  својот луциден и препознатлив стил. Критиката го дочека на нож, но како минуваше времето, така линчовата „Dune“ си го обезбеди местото во ризницата култни филмови во жанрот. Свое видување на Херберт имаше и контроверзниот Алехандро Јодоровски во 2013 година.

Неприкосновените квалитети на „Dune“

Како и „Blade Runner 2049“, и кај „Dune“ ѕвезди на филмот се фотографијата и дизајнот. Користејќи сценографија и костими кои асоцираат на арапската култура, Вилнев му обезбеди на филмот впечатлив епски амбиент и обележја, потсетувајќи не на незаборавниот „Lawrence of Arabia“ од 1962 година на режисерот Дејвид Лин.

Дина
Dune/Instagram

Вилнев е неприкосновен диригент на овој Sci-Fi-ораториум кој, иако строго се држи до класичниот монтажен терк, наизменично малку акција, малку дијалог, успева да воспостави совршена динамичка контрола во текот на сите 150 минути. Изборот на актерите е беспрекорен, а сите тие ќе ја оправдаат довербата и на режисерот и на гледачите. За оние кои го пропуштиле читањето на Херберт, веројатно ќе биде проблем да ги запаметат егзотичните имиња на ликовите и планетите, но, за тоа Вилнев ни дава доволно време да ја совладаме таа пречка. Визуелната имплементација е технички и амбиентално неверојатно моќна, и го бара вашето потполно внимание. Сметам дека одделни сцени тешко ќе бидат избришани од нашата меморија. (локациите се главно во Јордан и Будимпешта).

Дина
Dune/Instagram

Еден друг квалитет ја краси „Dune“, имено, флуидноста на дејствието, намерно забавеното темпо кое сугерира разумност и логика во постапките на ликовите. А тоа извонредно се манифестира со играта на младиот Тимоти Шаламет, чиешто созревање во ликот од Пол Атрејд до Муад Диб е рамно на актерски и режисерски подвиг. Импресивни во своите ролји се и Оскар Ајсак како Лето Атрејд и Стелан Скарсгард како Барон Владимир Харконен. Кога се работи за музиката во скапите филмски проекти, тогаш неодминлива е музиката од фабриката на Ханс Цимер, на моменти привлчена, на моменти преагресивна и бомбастична, во секој случај, не незаборавна.

Дина
Dune/Instagram

А бидејќи филмот завршува со реченицата на Зендаја (Чани)„Ова е само почеток“, Ворнер Брос веќе го најавува продолжението на оваа вселенска сага… за неопределен рок.

Дина
Dune/Instagram

Слика за идните светови според законитостите на земјанската историја

За крај, ќе се осмелам накусо да загризам малку на теренот на спекулативноста, почитувајќи ја научната фантастика и нејзините љубители, а сепак да ја применам здравата логика и нејзината филозофска страна:

Филмот на Вилнев не е само збир на вселенски авантури сместени во далечниот десетти милениум до кога Земјата веројатно е уништена. Моделот на идните жители на некои други светови сепак е според ликот и природата на земјанинот, се разбира со „потребните“ модификации неопходни за футуристичката магија. И Херберт и Вилнев ги сликаат идните светови според законитостите на земјанската историја. Постои монарх, постои барон, кнез, месија, војници, пророчници… кои, види чудо, зборуваат за уништување на природата, предупредуваат на недостаток од ресурси, водат борби за политичка моќ, верски војни, експлоатација врз други народи, практикуваат власт со колонијално угнетување… Освен што се патува со квантни скокови и телепортирања, зарем и по десет милениуми човечките, или сеедно, хуманоидните „навики“ нема да се променат. Зарем сеуште ќе се делиме на добри и лоши?

Нели е тогаш разумно да ги заборавиме нашите амбиции за долговечност и бесмртност? Застрашувачка, дистописка, бесмислена иднина! Артур Кларк и Стенли Кјубрик во нивните „Одисеи“ нудат поинакви перспективи, тие го толкуваат космосот. Таквиот аспект тешко би можел да биде надминат во догледно време.

 

Оценка: 4

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Не е точно дека нема Македонци во Бугарија, вели десничарски кандидат за бугарски претседател

Следно

ВИДЕО | Наивна детска игра во Русија ќе имаше фатален крај: Девојче (5) тешко повредено, со санка влета под тркала на автобус

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian