Не е точно дека нема Македонци во Бугарија, вели десничарски кандидат за бугарски претседател

2 mins read

Кандидатот за претседател на Бугарија од Национална унија на десницата – КОД, Горан Благоев, во изјава за БНТ, коментирајќи ги односите меѓу Скопје и Софија, вели дека се неопходни интензивни политички преговори, затоа што односите меѓу Северна Македонија и Бугарија се на точка на замрзнување. Тој оценува и дека само со историја не може да се живее.

– Проблемот со Северна Македонија е дека се говорат многу невистини. Тврдењето дека нема македонско малцинство во Бугарија е всушност неточно. Во Бугарија има луѓе со македонски идентитет, што е наметнат од поранешната Бугарска комунистичка партија, која управуваше 45 години, рече Благоев.

Благоев го поставува и прашањето зошто на средбата кај претседателот на Бугарија Румен Радев имало луѓе кои претставуваат само една гледна точка, алудирајќи на средбата во Софија на шефот на бугарската држава со претставници на здруженија на Бугарите во Северна Македонија.

Според Благоев, во тој контекст, не треба да се зборува за бугарско малцинство во Северна Македонија, туку Бугарија треба да ги брани индивидуалните права на секој бугарски државјанин кој има бугарски идентитет.

Тој оценува дека впишувањето на Бугарите како посебна етничка група ќе даде, како што вели, „основа за претензии за македонско малцинство во Бугарија од страна на Република Северна Македонија“.

Благоев го постави прашањето што се случува со лажните вести за наводното уништување на бугарските воени гробишта во близина на Кавадарци за коишто се утврди дека се уништени за време на Кралството Југославија во 30-те години на 20 век, оценувајќи оти таквите работи „предизвикуваат непријателството да биде посилно, а разумот да исчезне“.

Избор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: Атлетико конечно го покажа вистинското лице, погоди и Жоао Феликс

Следно

Рецензија: „Dune“ е моќна вселенска сага

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian