Кошаркарите на Пелистер остануваат на лидерската позицизија на табелата во Првата кошаркарска лига откако во петтото коло како гости ја остварија петтата победа.
Последна жртва на битолчани е екипата на Еуро Никел која е совладана со 90:85 иако домашниот тим имаше преднос и од 14 поени.
Домашниот тим подобро го започна натпреварот и дојде до 23:9, но оттогаш почна будењето на кошаркарите на Пелистер. Во втората четвртина по тројката на Стајиќ, битолчани дојдоа до минус седум (37:30), но Еуро Никел возврати преку Џекиќ и Томиќ. Сепак во финишот од вториот дел, Пелистер прави серија од осум поен и по ред со кои дојде до 43:38 и во третата четвртина го презеде водството (46:48).
Пелистерци во второто полувреме постојано имаа предност, а во последната минута влегоа со минимална предност (85:86), но со поените на Младеновиќ и на Кесар ги решија дилемите околу победникот.
Никола Малешевиќ со 18 поени и 8 скока беше најдобар кај Пелистер каде се истакнаа и Бобан Стајиќ со 16 поени и 8 асистенции и Кесар со 14 поени. Кај Еуро Никел најрасположен за игра беше Бранислав Џекиќ со 18 поени додека Џоран Калахан имаше учинок од 17 поени и 8 асистенции.