Корејската ТВ драма ја освојува глобалната публика: Што да гледате по „Squid Game“?

6 mins read

Рекордниот успех на серијата „Squid Game“ на Нетфликс за многумина дојде сосема неочекувано, а можеби и сè уште претставува вистинско изненадување. Но според оние кои веќе долги години го следат развојот на корејската кинематографија (преку примерите на „OldBoy“, „Memories of a Murder“, „The Host“, „The Handmaiden“, „Train to Busan“, „Parasite“, „Minari“, итн. ), а со тоа и подемот на корејската тв драма (к-драма), беше само прашање на време кога глобалната публика ќе го забележи нејзиниот потенцијал.

К-драма
Oldboy/Instagram
К-драма
The Handmaiden/Instagram
К-драма
Parasite/Instagram
К-драма
Minari/Instagram

Почнувајќи од „Coffee Prince“, „Full House“, „Winter Sonata“, „Boys Over Flowers“, „You’re Beautiful“, „Secret Garden“, „The Heirs“, па се до „Duel“, „Itaewon Class“, „Extracurricular“, „Kingdom“, „Arthdal Chronicles“, „Strangers from Hell“, „Sweet Home“, „Start Up“, „It’s Ok to Not be Ok“, „Nevertheless“ и „Vincenzo“, корејската драма станува сè поприсутна на големите стриминг-сервиси, а Нетфликс веќе изобилува со широк спектар на различни жанрови.

К-драма
Boys Over Flowers/Instagram
К-драма
Arthdal Chronicles/Instagram
К-драма
Strangers From Hell/Instagram

Растечката популарност на к-драмата и промените во нејзиниот фокус

Корејската драма одамна е популарна помеѓу големите кругови на љубители на к-поп културата, еволуирајќи од година в година, како од продукциски, така и од тематски аспект. Очекувано, интересот за неа пропорционално расте.

Но, иако станува збор за индустрија што премногу внимателно презима ризици и го гради својот успех врз столбови на веќе проверени формули и клишеа, нештата сепак полека почнуваат да се менуваат. Некогаш синоним за тинејџерска романса и лесна комедија, к-драмата денес сè почесто претставува медиум за пренос на социо-културолошки пораки и огледало на длабоко вкоренатите проблеми со кои корејското општетсво се соочува до ден денешен.

Таков пример на Нетфликс е последната хит драма „Squid Game“, а пред неа, сериите „Itaewon Class“, „Extracurricular“, „Start Up“ и „It’s Ok to Not be Ok“ отворија важни прашања поврзани со темите на расизмот, хомофобијата, трансфобијата, сексизмот, сексуалното вознемирување, тинејџерското насилство, големата класна нееднаквост и менталното здравје.

Токму овој современ пристап кон сеприсутните општествени, културолошки и социјални проблеми во Јужна Кореја, прикажани на начин кој е лесно разбирлив, информативе, но и некако, иронично, естетски пријатен, е совршената формула со која оваа индустрија полека но сигурно ја освојува глобалната публика, додека пак брзината со која се шири к-поп феноменот само го помага тој процес.

 

Нетфликс нуди избор за љубителите на крими, трилер и хорор жанрот

Во едно море од разновидна к-драма содржина, на почетокот на оваа година, криминалистичката мрачна комедија „Vincenzo“ привлече особено внимание кај љубителите на корејската драма, но и кај оние кои дотогаш немале погледнато една таква. Благо инспирирана од класикот „The Godfather“, серијата „Vincenzo“ ја носи италијанската мафија во Јужна Кореја, каде нејзиниот адвокат, Винчензо Казано, е принуден да се соочи со ненадминливиот конгломерат Џанг Хан-сок, наедно враќајќи се на своите корени и за прв пат соочувајќи се со проблеми типични за неговата родна земја.

Одличната глума на Сонг Џунг Ки во улога на Винчензо во комбинација со самата тематика, ја одвојува серијата од останатите и ја прави интересна и возбудлива за оние што не се љубители на романтичната содржина.

За овој тип на публика, особено оние кои се вљубија во мрачниот тон на „Squid Game“, постои долга листа од предлози што скршнуваат од старата романтична формула за к-драма. Голем дел од нив се достапни на Нетфликс, а меѓу нив се вбројуваат „Kingdom“, „Extracurricular“, „Sweet Home“, „Strangers from Hell“, „Hellbound“, „The Good Detective“, „Beyond Evil“, „Stranger“, „D.P“, итн.

Во декември годинава пак, се очекува да излезе и научно-фантастичната трилер серија „The Silent Sea“. Станува збор за футуристичка приказна каде планетата Земја е опустошена, додека членови на специјалн тим се испратени да обезбедат мистериозен примерок од напуштен истражувачки објект – истражувачката станица „База Баха“ на Месечината.

Серијата „My Name“ што во моментов се емитува на Нетфликс е потенцијалниот корејски мегахит. „My Name“ ја следи приказната на една млада жена (чија улога ја толкува Хан Со Хи) која се придружува на банда со цел да се одмазди за смртта на нејзиниот татко, а подоцна се инфилтрира во полиција. Постои голема веројатност дека серијата ќе достигне голем успех, а веќе е на деветто место по гледаност на Нетфликс во САД. Но, дали оваа к-драма ќе ја засени „Squid Game“, останува да видиме.

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Дали визната изолација на Косовците крие матни административни процедури во ЕУ?

Следно

Г-20: Италија се залага за рамноправен развој и мултилатерален пристап

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian