Како Миа Чичкариќ научи да живее со јувенилниот дијабетес: Веднаш по излегувањето од болница научив сама да си ги боцкам прстите!

5 mins read

– Нашата ,,шеќерна” приказна започна во септeмври 2011, кога Миа имаше 6,5 години. Никогаш нема да го заборавам тоа утро кога сестрите на детска ендокринологија ни ја кажаа дијагнозата – дијабетес мелитус Т1. Одма започнаа со терапијата: боцкање со инсулин пред секој оброк,пред спиење и наутро, мерење гликемии дури и по 10 пати во денот… болка за детето, подеднаква и за родителите. Судбина – се сеќава Јасмина Чичкариќ, мајка на младата Миа која има тип 1 јувенилниот дијабетес.

Миа Чичкариќ има 16 години и е ученичка во трета година во гимназијата „Орце Николов“. Она што оваа млада девојка ја прави вистински борец е тоа што веќе десет години секојдневно се соочува со предзивиците што ги носи тип 1 јувенилниот дијабетес, за кој не постои друг лек освен инсулинот.

фото – приватна архива

– Живеам веќе 10 години со дијабетот, односно ми го дијагностицираа кога тргнав во второ одделение. Првичните симптоми ми беа обилно мокрење, многу бев жедна, почесто јадев благо и заради тоа моите родители прво мислеа дека имам проблем со бубрезите, но на крај испадна дијабетот. На почетокот беше навистина тешко и за мене и за моите родители, бев исплашена дали ќе бидам прифатена во средината каде што припаѓам, но еве сум третта година средно и сите ме гледаат еднаква со нив – вели Миа.

Борбата со дијабетесот ја води секојдневно, а токму тоа ја прави вистинска хероина. Миа веднаш ја прифатила новата реалност.

– Веднаш по излегувањето од болница научив сама да си ги боцкам прстите, сама да си мерам гликемија, малку бев мала за инсулин да научам да ставам, но со текот на време и тоа го усовршив – вели таа.

За тип 1 јувенилниот дијабетес не постои друг лек освен инсулинот. Таа постојано ја мери гликемијата во крвта со помош на апаратчиња со сензори кои родителите ги набавуваат од Германија и Австрија, а едно чини 60 евра и трае само две недели.

– Гликемија мерам со апаратчиња со сензори кои моите родители ги набавуваат од Германија, додека пак тука се мери само со боцкање на прстот. Инсулин примам 4 пати во денот, примам Tresiba навечер и Fiasp преку ден – ни објаснува Миа.

Навиките се менуваат лесно, посебно кога станува збор за сопствената здравствена состојба.

– Брзо се прилагодив, станувам порано за да појадувам пред училиште, мерам гликемија редовно и во училиште, професорите ми дозволуваат за време на часовите да излезам да примам инсулин ако треба. Исто и моите другарки и другари, веднаш ми помагаат кога ќе ми биде лошо. Кога ми се намалува шеќерот во крвта, најчесто пребледувам, се тресам во горните и долните екстремитети, вртоглавици, преголем замор, а ако ми се јави хипергликемија или висок шеќер тогаш имам страшни главоболки и вртење во главата – вели храброто девојче.

Со  цел е да се подигне свеста за оваа автоимуна состојба, со оглед на фактот дека има сè повеќе дечиња кај кои се утврдува дијабетес тип 1, потребно е да се направат некои промени за да им се олесни животот на децата со дијабетес.

– Конкретно за нас младите сензорите се најважна работа. Сензорот е поставен на раката, со апаратчето го допираме и веднаш ни кажува каков е резултатот. Ако сакаме цел ден можеме да мериме, а да не ги боцкаме нашите прсти – објаснува младата Миа.

Промените се задолжителни и во начинот на исхрана.

– На почетокот не јадев многу благи работи, гледам во текот на денот да внесувам повеќе овошје и зеленчук, помалку јаглехидрати кои што многу ми го креваат шеќерот и протеини во умерена количина – додава.

Миа пред извесен период упати апел до надлежните да набават сензори кои многу ќе им го олеснат животот на овие деца, нејзиниот глас беше слушнат. Таа смета дека ако има добра комуникација помеѓу сите се може да се постигне, а за сите оние кои имаат дијабет, вели дека со добар режим на исхрана и добра контрола можат да функционираат како што треба.

фото – приватна архива
фото – приватна архива

 

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

ФОТО+ВИДЕО: И без Куман продолжуваат маките на Барселона во шпанската „Ла Лига“

Следно

Ѓоковиќ реализираше важен проект во земјите од регионот, помеѓу кои и Македонија!

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian