Дали визната изолација на Косовците крие матни административни процедури во ЕУ?

13 mins read

Пред неколку дена на социјалните мрежи мајка од Косово ја обелодени голготата низ која поминува за да добие виза за Австрија каде се лекува нејзиното дете, а нејзината приказна е речиси секојдневие за Косовците, единствена земја без визна либерализација во регионот, пишува дописничката на МИА од Брисел.

Објавата осамна прво на Фејсбук пред да биде споделена од косовските новинари на медиумите и социјалните мрежи. Оваа мајка, за да може да биде покрај своето дете кое се лекува во Австрија, мора да добие виза за долг престој, за што мора да се обрати во австриската амбасада во Скопје. Секое патување за Скопје ја чини пари, а амбасадата ја одбила четири пати, пишува мајката, и покрај сите гаранции: авиобилети, сместување, и десетици илјади евра за третманот на нејзиното дете.

Од Европската Комисија за МИА велат дека не можат ништо.

– Ги видовме извештаите за овој трагичен случај. Како што знаете не коментираме за индивидуални апликации за виза. Одлуките за виза ги носат земјите членки на ЕУ и прашањата за индивидуални случаи треба да и се упатат на државата што ја донела одлуката, во овој случај австриските власти, велат за МИА преку писмен одговор од Европската Комисија.

Правилото во ЕУ кога е одбиено барање за виза, за краток или долг престој, налага причините за одбивањето да му бидат соопштени на апликантот преку стандарден образец, а апликантот има право да поднесе жалба против земјата членка која го одбила, стои во Визниот Кодек на Европската Унија.

Иако на хартија изгледа едноставно, процедурите се далеку покомплексни и стануваат сѐ покомплексни со тек на време, објаснува за МИА Вјоса Муслиу, асистент професорка на Слободниот бриселски универзитет, и самата граѓанка на Косово.

Раскажува како пред неколку години заминала да го види семејството во Косово со својата двегодишна ќерка, но поради непредвидени семејни компликации морала да остане подолго.

– За тоа време резидентската карта на ќерка ми истече, не можев да одам од Косово за Белгија со ќерка ми, иако таа е родена и регистрирана во Белгија. Затоа што за да ја продолжиме дозволата на ќерка ми моравме прво да одиме во Бугарија, таму да аплицираме за нова виза за ќерка ми за да се вратиме во Белгија, и со тоа да може повторно да аплицираме за продолжување на нејзината дозволата за престој. Но, за да патуваме во Бугарија повторно треба да аплицираме за Шенген виза. Сѐ ова за да можеме да се вратиме во земјата каде е родена ќерка ми, каде е мојот дом и мојата работа. Прашањето се реши благодарение на општинските власти во Белгија од кои побаравме хуман третман и ни испратија нова дозвола за престој, раскажува Муслиу.

За неа е јасно, миграциските политики на ЕУ, дали кон Косово или кон други земји, имаат за цел да дефинираат кој е добредојден, а кој не е во „Тврдина Европа“.

– Целото функционирање на процедурите за визи и посебно во случајот со Косово има за цел да разграничи јасно кој е добредојден, а кој не е, на ЕУ границите, во ЕУ општествата. Фактот што статусот на Косово е недефиниран е оправдување кое не држи, затоа што Тајван има визна либерализација со ЕУ а непризнаен е од една од најмоќните држави на светот, од која ЕУ е многу зависна економски. Така што оправдувањето за статусот на Косово не држи и не е убедлив. Фактот што ЕУ го одржува овој непријателски визен режим со Косово е начин да се стави на знаење дека Косовците треба да бидат оставени во тој неевропскиот дел, вели Вјоса Муслиу за МИА.

За краток престој процедурите се некогаш и потешки бидејќи граѓаните на Косово, единствени на Западен Балкан во оваа ситуација, доколку сакаат да патуваат туристички во некоја Шенген земја, треба да приложат солидна банкарска сметка и стабилна работа, докази – кои често и арбитрарно се дефинирани од самите амбасади. Треба да уплатат сместување, и апликација за виза, што на крајот се сведува на процедура која може да си ја дозволи само високата и средно високата класа во општеството.

Фрустрацијата на граѓаните на Косово е толкава што се шири теорија која не може да се докаже, а тоа е дека земјите од ЕУ имаат квоти колку визи ќе одобрат.

– Квотите се неофицијални и никој не би ги објавил бидејќи е против кое било меѓународно и ЕУ право. Но сме искусиле масовни одбивања на визи што доведува до сомнеж дека неформално постојат некакви квоти, кога една амбасада издала да речеме 50 визи за Косовци во рок од три месеци, па мораат да ги одбијат сите други затоа што ја постигнале квотата. Се разбира нема начин да се докаже ова, одговара Муслиу.

Она што највеќе ги загрижува набљудувачите на оваа состојба е што во последните години визните процедури за ЕУ, за краток или долг престој, се префрлија масовно на приватни консултантски фирми кои не ги краси транспарентност.

Од она што е достапно на Интернет може да се види дека најчесто „аутсорсингот” на овие услуги земјите членки на ЕУ, но и Обединетото Кралство, го прави со фирмата ТЛС Контакт, филијала на компанијата Телеперформанс. Тешко се доаѓа до контакти и конкретни информации во случај некое лице да сака да поднесе жалба за одбиена виза, како што предвидува самиот Кодекс на ЕУ.

Оваа тема, вели Вјоса Муслиу, е нешто на што работи веќе некое време.

– Нема транспарентност, отчетност, финансии, кој што плаќа, и нема начин да се бара одговорност во овие процедури. Посебно ако зборуваме за „аутосорсингот” што го прават повеќето западни земји, нема како да се следи трагот. Повеќето амбасади во Приштина ги префрлија своите визни центри на приватна компанија. Кога аплицирате за австриска, германска, белгиска виза, аплицирате преку приватна компанија која е контрактор на австриската, германската или белгиската влада. Кога аплицирате плаќате преку оваа компанија. Ако ви ја одбијат или ако сакате да се ревидира негативната одлука, и се обратите на таа компанија, компанијата ви одговара дека не гарантира издавање на виза никому и не се занимаваат со жалби бидејќи се само контрактор на таа и таа влада за обавување на услуга. А кога се обраќате со жалба во амбасадата на земјата, тие ви одговараат „жалиме но оваа услуга ја обавува контракторот, компанијата”, и мора да се вратите во компанијата.

– Значи прво треба да имате финансиски средства и да го познавате многу добро правото на ЕУ ако сакате да поднесете жалба за да знаете каде да се обратите. Исто така кога ќе платите 120 евра на оваа компанија никому не му е јасно дали овие пари одат во компанијата, во амбасадата или дали ги делат тие пари, а ако ги делат, како ги делат? Ниеден од овие податоци не се јавно достапни, нема никаква информација или академски труд на оваа тема затоа што е невозможно да се истражат визните центри, додава професорката.

МИА побара одговор од Европската Комисија за принципот на „аутсорсинг” на визните процедури.

– Според ЕУ правилата за визи, земјите членки можат да побараат од надворешна фирма за услуги да ги собира и менаџира апликациите и состаноците за визи. Земјите членки се охрабруваат да соработуваат со надворешни фирми ако не се застапени во одредена земја што не е дел од ЕУ, а целта е да биде полесно за апликантите да поднесат апликација за виза. Надворешната фирма може да бара паричен надоместок кој не смее да биде над 40 евра под нормални околности. Анализата и одлуката за апликацијата во секој случај ја прави конзулатот, велат од Европската Комисија.

Иако од Брисел велат дека „аутсорсингот” има за цел да ги поедностави процедурите, на терен се чини дека не е секогаш случај.

– Да, легитимно е да се аутсорсира, но ова одвојување на административниот товар не е техничко прашање, смета Вјоса Муслиу, и додава: Не е затоа што е толку многу скапо, па аутсорсираат на поевтина компанија, туку одвојувањето на оваа административна задача се прави исто така за да биде неподносливо комплицирано и долго да се аплицира за визи. На овој начин ги обесхрабруваат „варварите” што не сакаат да им доаѓаат во нивните земји, за да не аплицираат воопшто за виза. И го прават ова преку приватна компанија, така што во случај на жалба луѓето се наоѓаат во игра на пинг-понг меѓу приватната компанија и владите, оценува Муслиу, која самата се нашла во слична ситуација при аплицирање за виза за Обединетото Кралство кое иако не е веќе членка на ЕУ ги користи истите методи.

Според професорката важно е и да се разгледа фактот што воведувањето на овие приватни компании се случува речиси паралелно со моментот кога Фронтекс зеде залет во миграциските политики на ЕУ.

– Интересно е што ТЛС Контакт е етаблирана во 2007, а стана проминентна откако Фронтекс зеде залет, откако почна со биометриски податоци, не е ова коинциденција според мене. Има јасна конекција тука. Сега кога имаме огромна база на податоци за тоа кој влегува и излегува, ајде да аутсорсираме и да оневозможиме засекогаш овие луѓе да стигнат до нашите граници, вели Муслиу за МИА.

Во меѓувреме фрустрацијата на косовските граѓани расте, изолирани во регионот во смисла на слободно движење на ЕУ, а со нерешен државен статус и постојан судир со соседна Србија. Ова, за Муслиу, како и за многу други експерти, е едно од објаснувањата за популарноста на Албин Курти.

– Масовното гласање за Курти и нова политичка елита е глас на протест против дехуманизацијата на Косово во ЕУ и протест против изолацијата и алиенацијата. Не е изненадување што фактот дека Курти има остра реторика кон ЕУ е плодна почва за Косовците да ја формулираат нивната фрустрација, објаснува професорката.

Европската Комисија од своја страна продолжува да препорачува визна либерализација за Косово, со поддршката од Европскиот Парламент. Но, со пет земји членки на ЕУ кои и натаму не ја признаваат независноста на Косово, патот ќе биде долг и трнлив.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Ѓоковиќ ги дозна ривалите во Париз, го чека „пекол“ до историската титула

Следно

Корејската ТВ драма ја освојува глобалната публика: Што да гледате по „Squid Game“?

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian