ОМО Илинден Пирин: Малцинство во Устав не е право, туку ретка привилегија

6 mins read

Партијата на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден Пирин на чело со Стојко Стојков реагира на новата позиција на бугарскиот државен врв кој бара Македонија веднаш да ги вметне Бугарите во преамбулата на Уставот, бидејќи во спротивно нема да го тргне ветото за почетокот на преговорите со ЕУ. Реакцијата ја пренесуваме интегрално:

За новата позиција на Софија

Добро знаеме дека досега само се менуваат лажните изговори за блокирање на македонското членство во ЕУ, сепак за поздравување е што фокусот се префрли од обидите да се наметне лажно бугарско националистичко читање на историјата, кон правата на Бугарите во Македонија. Зашто, за среќа, како што се покажа, тоа воопшто не постои како проблем. Бугарите во Македонија очигледно ги имаат сите човекови и малцински права што ги бараа. Тоа е јасно од фактот дека единствената конкретна поплака и барање изнесена на состанокот на бугарските организации од Македонија со бугарските власти беше да се вклучат Бугарите во македонскиот Устав, нешто што не е човечко или малцинско право, туку во суштина е привилегија што многу малку малцинства на светот ја имаат и ниту едно не живее во Бугарија.

Тоа може да се види од тоа што нема никакви проблеми на Бугарите од Македонија во извештаите на меѓународните институции кои редовно ја следат државата, додека извештаите на истите институции, за жал, се полни со проблеми на македонското малцинство во Бугарија. Додека Бугарија веќе 14 пати е осудена за кршење на правата на Македонците, Македонија – само еднаш за оние на Бугарите. Можеме само да им позавидиме на „проблемите“ на кои се жалат!

Од друга страна, лицемерно е да се инсистира да не се мешате во внатрешните работи, а вие самите да се мешате во внатрешните работи на друга држава. Смешно е претседателот да изјави дека не може да се меша во внатрешните работи на организациите на Бугарите во Македонија, а истовремено бскурпулозно да се меша во работите на другите граѓани на Република Македонија.

Овие двојни аршини на бугарските власти се гледаат и во друго. Ние секоја година бараме средба со нив, меѓу кои и Радев и Борисов, но тие никогаш не најдоа време, не само да не примат, туку и да ни одговорат. Очигледна е пораката дека не се еднакви сите бугарски граѓани.

Лицемерно е да барате права за луѓето во друга држава кога ги прекршувате правата на вашите сограѓани во сопствената земја.

За делегацијата на бугарските организации

Треба да го изразиме нашето жалење што лицата поканети како претставници на Бугарите во Македонија не ја искористија можноста да поставуваат прашања што би ги сакале припадниците на секое малцинство, за проблемите со правата или неговите интереси, туку само националистички фрустрации и тврдења.

Жално е што не постапија како што би постапиле претставниците на кое било малцинство – да лобираат да се укине на ветото на нивната земја и да се подобрат односите меѓу двете земји, туку направија обратно – го поддржаа ветото на Бугарија, нанесувајќи им штета на интересите на нивните сограѓани.

Може само да жалиме што не го следеа примерот на организациите на македонското малцинство во Бугарија, кои честопати ја изразуваа својата морална поддршка за Бугарите во Македонија и не го покренаа прашањето за кршење на правата на македонското малцинство пред бугарските власти. Ниту една од организациите присутни на состаноците не одговори на нашиот јавен повик за координирана акција за гарантирање на правата на двете малцинства и за подобрување на добрососедството меѓу двете земји.

Сето ова го наметнува прашањето колку воопшто овие луѓе ги изразуваат интересите на Бугарите во Македонија, а колку се националисти кои ѝ служат на политиката на Софија и се поканети од бугарските власти, за да ја оправдаат промената на нивната реторика кон Скопје откако доживеаја целосен неуспех на нивната политика против Македонија?
Овој сомнеж го потврдува и присуството меѓу делегатите на Атанас Величков, човек кој не е роден во Република Македонија, напротив – роден во Крупник, Бугарија, во македонско семејство, чии членови се или биле во ОМО „Илинден“, а и самиот тој е поранешен член на ОМО „Илинден“ и поранешен стипендист на Владата на Република Македонија како Македонец од Пиринска Македонија. Не го оспоруваме неговото право да се откаже, туку прашуваме какво право има таков човек да ги застапува интересите на Бугарите во Македонија?

Да се надеваме дека Бугарите во Македонија ќе создадат организации кои навистина ги застапуваат и ги штитат нивните интереси како граѓани и како малцинство.

Се надеваме дека промената на бугарската позиција кон Македонија наскоро ќе вклучи откажување од апсурдните тврдења, запирање на бранот на говор на омраза против Македонија, чистење на бугарските учебници од национализам и говор на омраза, како и историјата и културата на малцинствата кои живеат во Бугарија.

Уште еднаш повикуваме на реципроцитет и почитување на правата на малцинствата во согласност со меѓународните стандарди.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Градоначалникот на Лондон бара враќање на мерки против коронавирусот

Следно

Димитријевиќ ќе ги пропушти првите натпревари од квалификациите за Мундобаскет

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian