Интервју со Александра Иванова – професорка, креативка и создавачка на радост. Уметничка душа што надалеку се слуша!

9 mins read

Александра ја знам од Фејсбук, ама како да ја знам oтсекогаш. За мене е Сандра „што ме радува“. А верувам и вас ќе ви создаде таква емоција.

Пред да помислам да ѝ правам интервју сe запрашав – што е оваа жена по професија?  Само знам дека уживам во нејзините фотографии, уметнички инсталации, сликарство и накит на фејсбук. И просто, одмарам кога ги гледам тие мали парчиња душа пресликани во нешто секојдневно, но толку важно, толку убаво… Како да ни е потребен таков есенцијален виртуелен водич за радост, за доживување на мигот.

Па, да почнеме со наједноставното прашање, а можеби и најкомплексното…

Која е Александра Иванова?

– Александра е името кое ми е дадено по дедо ми Алекса, таткото на мајка ми кој беше починат кога се родив, па го добив во негов спомен. Иванова е презимето на мажот ми, земено со кажување едно „да“. И така се доби тоа Александра Иванова.

Инаку јас себе се доживувам како творечно битие кое се изразува низ женскоста со сите нејзини аспекти.

Во моментов има неколку полиња низ кои се изразувам. Повеќе од 15 години е активна страста за накит која дојде најпрво како исцелителност и потреба да се смири умот со помош на моќта на рацете. И навидум малите дарови почнаа да растат и низ самоукост и низ едукации од надвор се претворија во уметнички израз низ накитот, главно воден од жар за цртање и многу други техники како работа со метал и филигранство. Друг аспект во кој уживам е  мојата професија – професорка по естетика во средното музичко во Штип. Тоа е еден подарок кој ми го даде животот и ми откри како е да се даваш, да служиш на другиот во љубов, учителствување. Ги сакам учениците и голема инспирација ми се. Трет аспект е балетот за возрасни, кој ми го буди телото. Возам и велосипед, не спортски, повеќе за запознавање со природата, реката, спокојот.  Скришна писателка сум. А последно што ме „зарази“ е еден таблет за цртање и сега не ме прашувај кој ги мие садовите дома, хахаха…

накит
Александра Иванова/Facebook
накит2
Александра Иванова/Facebook

Правиш накит (под псевдонимот Софија Филигранска), но истовремено правиш и убавини за целиот свет. Твое парче ѓердан стаса дури до Њујорк! Ќе ни ја раскажеш оваа приказна?

-Дизајнирањето накит настана како спој на повеќе нешта – целата креативност на обликување и изразување без задршка, радост и слобода во мене се родија токму преку создавањето накит. Тој ми е патување, игра, боја, восхит, поместување на личните граници. Дар ми е кога добивам и дарувам. Ме слуша и го слушам. Тој е во мене желбата на баба ми да исткае убав килим, како семче што никнува и расте до бескрај. Со таков поглед и со помош на интернетот, ете ме во Њујорк! Дејл, позната фешн блогерка, жена 60+, инспирација на многу жени на планетава го почувствувала мојот пулс и вибрација и се заљуби во мојот накит. А јас во нејзиниот ентузијазам и естетика. Толку е едноставно.

Дејл, фешн блогерка/Facebook
Дејл, фешн блогерка/Facebook
Александра Иванова
Александра Иванова/Facebook

Во последно време си актуелна на својот фејсбук профил со водените хартиени мисли со кои го разведруваш денот на сите што те имаат како пријател на мрежата. Ликовната форма на изразување, што значи за тебе, каква порака пренесува?

– Последно што правам се дигиталните цртежи, кои пасионирано ги цртам, а ги поврзувам со порака за која ќе се сетам во тој миг и ја споделувам со другите. Природно е кога ќе чувствуваш страст за нешто, и го правиш посветено, другите веднаш да ја препознаат радоста.

Таа е исконскиот импулс на животот и тој се огледува самиот во себе, ти во мене јас во тебе. Некаде во јуни дојде таблетов во моите раце и тотално ме плени. Во него ја видов спакувана најубавата книжарница за бои и четки… како онаа во Солун кај што влегуваш и на крај те брка продавачот за да затвори, хаха!

Таблетот е полн со сите можни бои, техники и илјадници четки на располагање. Само да сакаш да црташ. А навечер си спие до мене на наткасната. И прво отварање очи, цртање. Така цело лето. Не правам посебен концепт за моите прелевања и изрази, само правам што ми сака срцето и делам со другите. Еве од оваа збирка на цртежи со пораки веќе се роди идеја за еден книжен формат и уште којзнае што ќе произлезе. Зошто кога ќе фати да тече креативниот бран, носи на најнеочекуваните места. Едвај чекам да ме прошета низ себе.

Александра Иванова
Александра Иванова/Facebook
Александра Иванова/Facebook

И твојот сопруг (Александар) е уметник. Како две вакви души си го спојуваат и вкрстуваат она што им е дадено? Како е да се биде во окото и перцепцијата на друг уметник наспрема себеси?

– Александар е човек на место. Местото сум јас, хахаха. И времето. Погодена е таа работа. Велат – благослов е мажот и жената да се пред сè другари. Дадено ни е тоа, ама и сме си го негувале и растеле. Имало и судир на ега, натпревари, надменост… Ама животот е краток и сме си решиле дека ќе сме си потпора, инспирација, восхит… Да си ја наредиме самите!

Тој е сликар, надарен безмерно, но тоа што му дава генијалност е спјот со сите други негови интереси за филозофија, книжевност со сè поезија и јазик, музикалност и многу наклонетост кон творештвото.Има непресушна желба за знаење и можеби тоа е нишката кај што сме си како сијамски близнаци, поврзани.Нашите муабети се ортоми, од тука до недоглед.

Александра и Александар Иванови/Facebook
Александра и Александар Иванови/Facebook

Што би сакала да научиш нешто ново од техниките што ти се предизвик? Што е следно што можеме да научиме, видиме, да се инспирираме од Сандра?

– Постојано сакам нови нешта да учам, да таа сум, ме погоди!

Сега ова со цртањево ме држи, не знам на кај ќе ме однесе. Чувствувам дека бранот е силен и ќе има отворања. Октомври ми беше соочување со исконски стравови, ослободување, раст преку тоа соочување а сето тоа некако без големи драми. Многу минатост насобрана во мене се ослободи, се направи место за нов свет во мене. Ќе има многу нови, свежи светови. Некои јасно ги гледам, некои ги насетувам со возбуда, чекајќи ги да се изнедрат.

Знам дека допрва доаѓаат убавини, тоа го знае срцево. И да, рече сликарот (сопругот, наш.заб) ролшули ќе ми купи, пекам некое време, и тоа ќе биде ново забрзување на креативниов процес наречен живот. За сè  бидете известени како и до секогаш, на мрежата 🙂

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: Митревски ја има најдобрата одбрана на колото во Лигата на шампионите

Следно

„Мед и здравје“ – отворен Пчеларскиот саем во Скопје со повеќе од 15 изложувачи

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian