ЕУ се надева на договор со Полска

8 mins read

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изрази надеж дека ЕУ може да најде решение со Полска за средствата за обнова, суспендирани поради спорот за владеење на правото, но постави неколку услови кои земјата мора да ги исполни.

ЕК го одложи одобрувањето на полските фондови за закрепнување од пандемијата поради долготрајните несогласувања што ескалираа претходно овој месец кога полскиот Уставен суд утврди дека одредени принципи на правото на ЕУ се некомпатибилни со уставот на земјата. Многумина во Брисел ја видоа одлуката како предизвик за основната правна рамка на ЕУ.

– Мислам дека е изводливо, се надевам дека ќе постигнеме договор, но реформата е conditio sine qua non (поим во римското право – значи услов без кој не може, задолжително и апсолутно неопходно дејствување), нагласи таа на прес-конференција во Брисел.

Средствата за поврат се обезбедуваат за земјите од ЕУ, под услов тие да одговорат на одредени барања за реформи, таканаречените препораки специфични за земјата што ги издава Комисијата секоја година. На Полска и се доделени 24 милијарди евра грантови и 12 милијарди евра заеми со ниски камати од фондот за закрепнување.

– Комисијата има „долгогодишна конкретна препорака за Полска, а тоа е независноста на судството, рече фон дер Лајен на прес-конференција. Компромисот за кој се залага Брисел ќе бара од Полска да се заложи за „распуштање на дисциплинската комора, завршување или реформирање на дисциплинарниот режим и започнување процес за повторно именување судии, рече фон дер Лајен.

Полскиот министер за правда синоќа оцени дека неговата земја не треба да ги плати казните што и ги изрече Европскиот суд поради контроверзната судска реформа и продолжувањето на работата на рудникот за јаглен.

– Без разлика дали станува збор за незаконски санкции во врска со (рудникот Туров)… или санкции за промени во судството, Полска не може и не треба да плати ниту една злота, изјави Збигњев Зиобро за новинарите.

Полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека Европската унија не може да одлучува за полското правосудство бидејќи Полска не ги префрлила своите надлежности врз Брисел кога се приклучи кон Унијата во 2004 година.

Тој зборуваше по повод новата казна кон неговата земја од еден милион евра дневно што Судот на правдата на ЕУ ја донесе вчера затоа што полските власти не го укинаа контроверзното дисциплинирање на полските судии.

– Онаму каде што се договоривме да ги префрлиме надлежностите на ЕУ, ЕУ може да одлучува за нашите прашања. Меѓутоа, во областите каде што не сме делегирале надлежности, самите одлучуваме за тие прашања, рече Дуда синоќа од Париз, во интервју за полската државна телевизија ТВП.

Ова е втора одлука на Судот на правдата на ЕУ за казна што полската Влада на конзервативната партија „Право и правда” одлучи да ја игнорира и да не ја плаќа, бидејќи прво неодамна одби да плати казна од половина милион евра дневно бидејќи не ја спроведе времената мерка за прекин на експлоатацијата на лигнит во рудникот Туров, додека не се договори за еколошките последици од проширувањето на овој рудник со соседна Чешка.

Судот на правдата на ЕУ, чие седиште е во Луксембург, вчера го одобри барањето на Европската комисија да ја казни Полска поради игнорирање на привремените мерки на судот и пресудата од средината на јули со која на полските власти им се наредува да го замрзнат казнувањето судии според реформираниот систем во полскиот Врховен суд, пред се за работата на новото Дисциплинско одделение на овој суд.

Судот на правдата, одлучувајќи за привремената мерка, а подоцна и за самата реформа, предупреди дека судиите на Дисциплинското одделение ги избира Националниот судски совет, а неговите членови ги избира полскиот Парламент со големо влијание од полскиот претседател Анджеј Дуда.

Полската судска реформа воведе закана од дисциплински санкции за содржината на пресудите, што според мислењето на Судот на ЕУ значи дека може да се злоупотреби од политичарите за да ги контролираат пресудите на полските судии и со тоа да го нарушат целиот правен систем на ЕУ, каде се признаваат пресудите на националните судови, што истовремено се и судови на Унијата.

– Постојат многу причини за овој конфликт (Полска и ЕУ), но како што можете да видите, со големи разлики во мислењата, има многу лаги што тешко можеме да ги прифатиме. Му кажав на претседателот Макрон дека има многу лаги за тоа што се случува во Полска и околу Полска, и тоа ме загрижува, рече Дуда, кој даде интервју за ТВП во Париз по разговорот со францускиот претседател Емануел Макрон.

Претседателот Дуда кажа дека Полска мора да размисли што да прави со тие казни за непочитување на одлуките на Судот на ЕУ, додека заменик министерот за правда, Себастијан Калета, кажа дека Полска нема да ги плати тие казни и го обвини Брисел за газење на сопствените вредности, признавајќи ја само силата како аргумент и со уцени и закани ги принудува членовите на послушност.

– Со оглед на неодамнешната пресуда на Уставниот суд на Полска, таа казна не може да се плати бидејќи тоа би било кршење на полскиот Устав. Нема законска можност да се плати, напиша Калета на Твитер.

Варшава и Брисел со години се во отворен конфликт поради контроверзната судска реформа спроведена од владата предводена од конзервативната националистичка Партија на правото и правдата. Брисел смета дека реформата ги ослабува демократските слободи, а Полска посочува дека е неопходно да се искорени корупцијата во судството. Европскиот суд, исто така, во септември нареди Полска да плаќа парична казна од 500.000 евра дневно за неуспехот да затвори голем рудник за лигнит што го тужеше соседна Чешка. Казните може да ја влошат кризата меѓу ЕУ и Полска, чиј Уставен суд го оспори приматот на европското право на почетокот на октомври. Спорот беше на агендата на минатонеделниот самит на ЕУ, на кој полскиот премиер Матеуш Моравјецки рече дека неговата земја е „подготвена за дијалог”, но дека нема да работи „под уценет притисок”. Тој, исто така, ја обвини ЕУ дека „држи пиштол до слепоочницата на Полска” заканувајќи се со санкции. Некои престолнини, сепак, проценуваат дека Европската комисија веројатно нема да го одобри планот за закрепнување на Полска од 36 милијарди евра, кој во моментов го стопира поради, како што смета, влијанието врз независноста на судството.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

На денешен ден – 29 октомври

Следно

ВИДЕО: Грип – кои се симптомите, како да превенираме? Во УБ, д-р Петковска од СЈЗ

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian