Доктор Маја Кирјас: Затнатиот нос е „пријател“ на синузитот

5 mins read

Синусите се шуплини во коските околу носот, па и називот е логичен – параназални синуси. Разликуваме фронтални синуси (зад окото и носот), етмоидални синуси (помеѓу очите кај коренот на носот), максиларни синуси (од двете страни од носот) и сфеноидални синуси (длабоко зад носот). Секој од наведените синуси е парен. Сите синусни отвори водат кон носот.

Со оглед на траењето на болеста – воспалението на синусите се дели на акутно (трае до еден месец), субакутно (со времетраење до три месеци) и хронично (подолго од три месеци).

Синузитот е исклучително битно да се детектира што побрзо со цел за навремено давање соодветна терапија и спречување истиот да премине во хронична форма или хроничен синузит.

Како и од што се добива воспалението на синусите?

Вирусните инфекции може да бидат еден од бројните причинители.

Микроорганизмите стигнуваат до слузокожата со која се обложени синусите одвнатре, се размножуваат, ја оштетуваат самата слузница и настанува акутно воспаление.

Постои неадекватна дренажа на секретот во синусите, со што настанува синузит.

Најчесто станува збор за воспаление и на носот и на синусите, па е наречено риносинузит. Овие два ентитета не можат да се одделат!

Најчеста бактериска инфекција од која страдаат синусите е предизвикана од стрептококус пнеумониае (Streptococcus pneumoniae), хемофилус инфуенцае (Hemophilus infuenzae), мораксела катархалис (Moraxella catarhalis). Или, пак, од поретко изолирани стрептококус (Streptococcus) група A, стрептококус ауреус (Streptococcus aureus) и грам-негативни бактерии.

Мора да се напомене дека постои и фунгален синузит (габичен), кој е многу поредок од останатите.

Алергијата исто така е еден од причинителите за настанување на синузит! Отокот на слузницата на носот (настанат од дејството на алергенот) неретко се префрла и на синусите, бидејќи поврзаноста на носот и синусите е преку отвор (медицински наречен остиум).

Инфекција на горните заби – главно катници, може да се прошири на максиларен синус.

Затнатиот нос е „пријател“ на синузитот. Причината е едноставна – нема истекување на секрет од синусите кон носот и секретот се насобира во синусните шуплини.

„Каде е застојот, тука е инфекцијата!“

Хроничен синузит настанува и при долготрајно затнат нос. Хроничен синузит може да е алергиски, басктериски, габичен или настанат како последица на анатомските промени кои оневозможуваат дренажа или цедење на секретот од синусите. Поретко се јавува поради функционални абнормалности на мукоцилијарниот апарат.

Главоболката е чест придружник на воспалените синуси. Болка во пределот на челото, притисок во пределот на очите, носот и слепоочниците. Честопати е утринска главоболка со таложење на секретот, кој врши притисок на околните ткива. Затнат нос неретко укажува на синузит.

Честопати пациентите го пролонгираат проблемот без јавување на лекар, со што е можно и покачување на телесната температура.

Дијагностика и лекување

Дијагностиката е со рендгенска снимка, ултразвучна дијагностика за јасна визуелизација, компјутерска томографија на параназалните синуси.

Битно е овозможување на дренажа на насобраниот секрет (понекогаш е невозможна ако станува збор за хронична форма), но инхалациите ја намалуваат иритацијата и ги олеснуваат непријатните симптоми.

Потребен е брис од нос за да се увиди дали постои бактериска инфекција, фунгална, па според тоа да се ординира соодветен антибиотик/антимикотик, чиј причинител е сензитивен. Локални деконгестиви во облик на капки или спрејови помагаат во лекувањето бидејќи прават намалување (редуцирање) на настанатиот оток/инфламацијата (ефедрин, нафазолин, оксиметазолин, тетризолин…). Понекогаш не се доволни деконгестивите, па се користат и орални кортико препарати/лекови и локални кортико – спрејови.

Одредени синузити кај кои причинител е алергијата нема да имаат ефект доколку ординирате друга терапија освен терапија која се користи за пациенти со алергии како што се леукотриени, антихистаминици… Земање парацетамол, псеудоефедрин, ибупрофен имаат за цел да ја намалат главоболката.

Физиолошките раствори (стерилна мешавина на сол и вода) ја одржуваат здрава носната слузница. Изотонични спрејови може да ги користат и деца од најмала возраст. Секако, со ова се одржува хигиената на носот, но и отстранување на алергенот доколку постои на носната слузница. Хипертоничните раствори се познати како природни деконгестиви (но не се така агресивни како класичните деконгестиви коишто ги наведовме погоре).

Сублимирано може да заклучиме дека самоиницијативно лекување освен инхалациите – нема да даде ефект и потребна е лекарска консултација.

Примариус спец. д-р Маја Кирјас
Хирург – оториноларинголог

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: Дончиќ е НБА чудо и кандидат за МВП – сам направи пресврт против Спарси

Следно

ВИДЕО | Андоновиќ: ЕУ ѝ „држи пиштол на слепоочницата на Полска“, Варшава пак на Белорусија?

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian