Да смрзнуваме или да се труеме, прашање е сега!

10 mins read

Ако не се прогласи вонредна состојба зимава, не смее да има прекумерно испуштање загадување во воздухот, а контролата на капацитетите ќе оди тешко, предупредуваат експертите за сезоната пред нас, во која се очекува зголемено аерозагадување заради плановите да се согорат повеќе од милион и пол тони јаглен и повеќе од сто илјади тони мазут во трите термоцентрали – „Битола“, „Осломеј“ и „Неготино“ за да се произведува поевтина домашна струја наместо да се увезува скапа. Граѓаните стравуваат од опасностите од потенцијалните рестрикции, но и од тоа дека „лекувањето“ на енергетската криза ќе разболи многумина заради високите емисии кога сите блокови од термоцентралите ќе бидат во функција.

Познато е дека загадувањето на воздухот во Македонија предизвикува над 3.000 смртни случаи годишно, а државата зимава е принудена да ги користи најголемите загадувачи – во тек е набавка на јагленот за „Битола“ (900.000 тони), за „Осломеј“ веќе е набавен, а по изборите ќе се купува и мазутот за ТЕЦ „Неготино“, која инаку е ладна резерва и не е во погон од 2009 година.

Деновиве во работа беше пуштен вториот блок на РЕК „Битола“ и мерните станици во градот забележаа благо зголемување на загадувањето со ситни честички (ПМ10), а по рестартот на РЕК „Осломеј“ неколку денови по ред среднодневното ниво е над максимално дозволените вредности од 50 микрограми на кубик воздух и завчера достигна 90!

Одговорните уверуваат дека ќе има контроли

Од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) велат дека надзорот врз работата на инсталациите ќе се врши соодветно на нивните еколошки дозволи. Засега не најавуваат вонредни мерења кои ќе ги вршат тие како институција, туку ќе се потпрат на мерењата што редовно или вонредно ќе ги прават самите производствени капацитети.

– Пред да ги пуштат инсталациите во употреба, капацитетите мора да нè информираат. Ние излегуваме на терен и присутни сме при пуштањето. Ги задолжуваме капацитетите да вршат редовни мерења, тие мерат во акредитирани лаборатории и ги доставуваат резултатите кај нас. Вршиме надзор, соодветно со нивните еколошки дозволи – кусо објасни в.д. директорот на Инспекторатот Сретен Стојковски за „Слободен печат“.

Од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) велат дека се свесни за проблемот со загадувањето со јаглен, што впрочем е и причина за стратегијата до 2030 година да се исклучат трите блока на РЕК „Битола“, но во сегашната криза сите бараат струја по што поевтина цена, што „не оди под рака“ со чистиот воздух кога е во прашање јагленот.

– РЕК Битола во моментов работи со два блока, а од декември е планирано да работи со три блока, како привремено решение по насока на Владата, а по барање на стопанството и државните институции, со цел да се произведе дополнителна домашна електрична енергија за нив, наместо да ја купуваат по енормно високи цени на берзите, што негативно би се одразило на економијата, работењето на фирмите и на крајните цени на домашните производи. Планирана е и подолготрајна работа на РЕК Осломеј, кој досега просечно работеше по само два месеци во годината. АД ЕСМ и производните капацитети на јаглен ги применуваат сите законски инструменти за мерење и контрола на емисиите, со почитување на одредбите во овој сегмент. Производството и сега и во иднина ќе се врши со почитување на пропишаните стандарди. Мерењата преку сопствените мерни станици се обврска на компанијата и извештаите од истите се доставуваат до надлежните државни органи – велат од ЕСМ за „Слободен печат“.

Тие уверуваат дека за нив производство на струја со заштита на околината е еден од приоритетите, за што сведочи се поголемото вложување во обновливите извори.

Нè чека тешка зима

Поранешната директорка на ДИЖС Ана Петровска потсетува дека за термоцентралите РЕК Битола и РЕК Осломеј не е издадена А-интегрирана еколошка дозвола, односно за РЕК Битола дозволата е во нацрт-фаза, а за РЕК Осломеј ЕСМ доставил само апликација.

– Фактот што инсталациите не поседуваат дозволи го отежнува инспекцискиот надзор. Итно е потребно инвестирање во енергетска ефикасност на котлите, за да се намали потрошувачката на гориво. РЕК Битола порано спроведуваше мерки согласно стандардот ИСО 50001 и истите треба да продолжат уште поинтензивно. Годинава беше планирана инвестиција во замена на електростатскиот филтер за намалување на емисиите на прав, но не знам дали тоа е реализирано. Замена на јагленот/мазутот како гориво во еден блок на РЕК Битола со гас може да го намали загадувањето, но имплементацијата ќе потрае неколку години. Десулфуризацијата на отпадните гасови се планира уште од 2011 година, но, сè уште нема изработено проектна документација за технологијата, ниту е познато од кои извори би се финансирала. Итно мора да се обезбедат финансии од домашни извори, бидејќи донаторите нема да доделат пари за термоцентрала што согорува фосилни горива – вели Петровска.

Таа додава дека одлагањето на еколошките решенија во енергетиката води кон сериозни последици за квалитетот на воздухот, здравјето на населението и кредибилитетот на земјата во однос на спроведувањето на преземените меѓународни обврски.
Поранешниот директот на Управата за животна средина Филип Иванов очекува катастрофална зима во однос на загадувањето на воздухот, но додава дека ако не се прогласи со законски акт вонредна состојба или енергетска криза во некоја форма, тогаш нема правна основа да се зголемуваат емисиите во воздухот.

– Потребен е законски акт со кој ќе се покрие временото активирање на капацитетите за производство на струја, потребно е и да се определи рок во кој ќе биде дозволено прекумерното аерозагадување. Тоа би било оправдано во случај на хаварии, природни непогоди, што ќе предизвикаат недостиг на струја, но скапа струја не е непогода. Само недостиг на струја е оправдание да се пуштат во вонредна работа инсталации на јаглен и мазут без почитување на прописите – вели Иванов.

За тоа колку мазутот и јагленот ќе загадуваат, зависи од нивниот квалитет, додава тој.

– Треба одговорните институции да го проверат квалитетот на горивата што ќе се користат и да ги соопштат параметрите, инаку како ќе знаеме? Инспекторатите мора да се будни цела зима и да ги контролираат горивата. Во ЕУ е забрането да се користи мазут со повеќе од еден отсто сулфур, тоа треба да се контролира и кај нас. За фрлање на моторни масла во ЕУ се плаќа и кој ни гарантира дека некој кај нас нема да се обиде да прави профити со тоа што ќе гори мазут исмешан со отпадно масло? Инспекторатите мора да се будни, ни претстои тешка зима – вели Иванов.

Ако поскапат струјата и дрвото, на што ќе се греат најсиромашните?

Државата сиве овие години не делуваше плански на ова поле и сега сме соочени со еколошка катастрофа, а зимава ни следува и проблемот со енергетската сиромаштија, предупредува Иванов.

– Ако поскапи струјата, како и цената на огревно дрво, на што ќе се греат сиромашните слоеви и колку картон, пластика и сл. ќе заврши во ќумбињата? Не се делува стратешки, на пример да се изгради когенеративна централа на гас и да се продолжи топловодот насекаде во Скопје каде има оправданост, а потоа, онаму каде нема оправданост за топловод, да се оди со субвенции за инвертери или да се однесе и гас, кој освен со гасовод може да се испорача и со цистерни, со резервоари и слично – вели Иванов.

Тој додава дека државата тера парадокси во енергетскиот сектор, како мали хидроцентрали кои им штетат на природните ресурси, а не прават доволно струја или, пак, како најавениот ветропарк од 500 милиони евра, кој ќе нема каде да го пласира вишокот на струјата без изграден хидросистем Чебрен, Орлов Камен и Галиште, со која ќе можеа да се препумпуваат водите на хидроцентралите.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Одгледувачите на кока во Колумбија ги ослободија 180-те приведени војници

Следно

Руни: Многу играчи не трчаат назад во одбрана – и за тоа ли е виновен Солскјер?

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian