Борисов со уште поголема уцена од Радев: Нема ни да разговараме со Скопје додека Бугарите не влезат во Уставот

3 mins read

Поранешниот премиер на Бугарија и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, вчера упати уште поголема уцена кон Македонија од онаа што завчера ја испорача неговиот политички ривал, бугарскиот претседателот Румен Радев, и рече дека Софија нема ниту да разговара со Скопје додека во македонскиот Устав не бидат внесени Бугарите.

Борисов се сретна со претставници на здруженија на Бугари од Македонија, кои му се пожалиле дека се чувствуваат како фантоми, односно властите се однесуваат кон нив како да не постојат.

Бугарија се тресе од скандали

„Им реков дека гарантирам со моето име дека нема да имаме разговори со Северна Македонија додека бугарското малцинство не биде внесено како такво во Уставот. Тие знаат дека нашата поддршка како власт или опозиција за нив зависи од признавањето на бугарското малцинство. Веднаш се разбрав со Еди Рама во врска со тоа, истото го очекувам и од Зоран Заев. За Бугарија е исклучително важно Северна Македонија и Албанија да се во Европската Унија“, напиша Борисов на Фејсбук по средбата, на која присуствувала и поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.

Во врска со спорот со Македонија, Борисов на претставниците на македонските Бугари им рекол и дека Бугарија западнала во меѓународна изолација во последните месеци, а демократските држави се исмевале со нивната слаба дипломатија.

„Наместо да дебатираме за важни теми како односите со Северна Македонија и ковид-кризата, Бугарија се тресе од скандали“, напиша Борисов.

Македонските Бугари, пак, изјавиле дека тие биле автохтониот народ во Македонија и дека не дошле во земјата во 1992 година како Бошњаците или во 1918 година, како Србите.

Нова реторика

Новата реторика на Борисов следува по критиките што завчера му ги упати потпретседателката Илијана Јотова по средбата на здруженијата со Радев. Таа рече дека последната политичка влада во Бугарија се занимавала со историски прашања и мислела дека проблемот ќе се надмине со заедничко полагање венци на споменици, а на европската маса не го отворила прашањето за правата на Бугарите во Република Северна Македонија, туку тоа го сторил неодамна претседателот Радев, по што прашањето добило поинаков карактер.

Претседателот Радев, пак, упати ултиматум и рече дека нема да го тргнат ветото од преговорите за членство со ЕУ ако Бугарите не влезат како малцинство во Уставот за да им се гарантираат правата.

Неодамна, премерот Зоран Заев рече дека нема проблем со тоа во Преамбулата на македонскиот Устав да се впишат и Бугарите, но тоа ќе се случи тогаш кога ќе се отвора Уставот пред приемот на нашата земја во Унијата. Тогаш, освен Бугарите, во Преамбулата ќе влезат и Хрватите, Црногорците, Египќаните и други помали заедници.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: Наполи и Елмас се вратија на врвот во Италија, убедливи и против Болоња

Следно

На денешен ден – 29 октомври

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian