Нацијата Навахо: Долгата битка против загадувањето од ураниум

5 mins read

Нацијата Навахо со децении се бори против загадувањето предизвикано од напуштените рудници за ураниум во Ново Мексико.  

Рита Капитан е загрижена за водата уште од 1994-та година. Таа есен, таа прочитала напис во локалниот весник за рудник за ураниум, Краунпоинт, кој почнал да се гради во близина на нејзината куќа. Капитан го поминала целиот свој живот во Краунпоинт, Ново Мексико, мал град во кој во главно живеат луѓето од нацијата Навахо, и добро е запознаена со децениското ископување ураниум во регионот, пишува Гардијан.  

Но, околу времето кога бил објавен написот, таа почнала да учи за многуте ризици поврзани со екстракцијата на ураниум.  

„Не можевме само да седиме и да гледаме друга компанија како доаѓа и го зема она што ни е многу скапоцено. А тоа е водата – нашата вода“, рече Капитан. 

Во таа смисла, Капитан и нејзиниот сопруг, Мичел, ја основаа „ Eastern Navajo Dine Against Uranium Mining“ (Ендаум), организација која се бори против ископувањето ураниум во нивната татковина. Борбата трае речиси три децении и покрај катастрофалните последици на индустријата врз здравјето и животната средина, кои на јавноста и се познати со години.  

Најновата загриженост на Капитан се однесува на канадската рударска компанија „Laramide Resources“, која, преку нејзината подружница во САД, „NuFuels“, поседуваат федерална лиценца за рударство во Краунпоинт и блискиот Черч Рок.  

Нова надеж 

Поради бавноста на ваквите операции, „Laramide Resources“ не започнале со екстракција на овие простори, но од ден на ден тие се се поблиску. Иако американскиот правен систем не им даде многу ресурси во борбата, Капитан и другите членови на заедницата видоа нова надеж во Меѓуамериканската комисија за човекови права.  

„Endaum“ и Центарот за еколошко право во Ново Мексико минатата недела поднесоа значајни докази до Комисијата, тврдејќи дека американската влада и нејзината Нуклеарна регулаторна комисија (NRC) ги прекршиле нивните човекови права со лиценцирање на рудници за ураниум во нивните заедници.  

Петицијата не мора да му понуди на „Endaum“ правен лек. Сепак, поволна препорака би можела да им помогне во идните правни постапки против проектите за рудници за ураниум, а во исто време да го води идното застапување на рударската политика, рече Ерик Јанц, виш адвокат во Центарот за заштита на животната средина во Ново Мексико. Според него, тоа би било и своевидна сатисфакција.  

„Постои морална вредност во фактот што меѓународното тело за човекови права ги разоткрива злоупотребите на нуклеарната индустрија и соучесништвото на американската влада во тие злоупотреби“, рече тој. 

Закана за населението 

Иако овие рудници сè уште не почнале да работат, претстојната закана виси над главите на локалното население – особено со оглед на смртоносната историја на ископување радиоактивни метали кај Навахо нацијата што започна за време на Студената војна. 

„Постојат четири генерации на Навахо луѓе кои мораа да се справат со постоечката контаминација и кои живеат во суштина на средина или до депонија со радиоактивен отпад. Федералната влада ги игнорираше тие заедници во последните 70 години” вели Јанц.  

Ризик од загадување 

Жителите, сепак, се длабоко загрижени за ризикот од загадување. Во нацијата Навахо, повеќето наоѓалишта на ураниум се во водоносни слоеви. Рушењето во овие водоносни слоеви може да предизвика истекување на радиоактивен ураниум во водата, загадувајќи ги и подземните води, како и водата апсорбирана од површината.

Денес, повеќе од 500 напуштени рудници за ураниум се наоѓаат на земјата во која живее народот Навахо и секој е потенцијален извор на радиоактивни честички кои можат да стигнат до воздухот и водата, покрај веќе направената штета. Операциите за ископување ураниум предизвикаа повисоки стапки на рак, респираторни и бубрежни заболувања кај Навахо луѓето. Од 1970-тите до 1990-тите, стапката на рак во резерватот двојно се зголемила.

Лери Кинг, жител на Черч Рок, кој некогаш работел на ископ на ураниум, има проблеми со дишењето и проблеми со срцето, според сведочењето доставено до комисијата. Тој се залага против „Laramide“ и другите проекти за ураниум повеќе од две децении и вели дека тие борби му ускратиле каква било форма на „нормалност“.  

„Тие 24 години требаше да бидат најдобрите години во кои можам да уживам во мојот живот. Но, за жал јас не го правев тоа“, рече Кинг. 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ЈП Лајка реагира: Лажна пријава за каснување од куче кое било згрижено кај нив

Следно

Заев: Здружени сме во коалицијата со партиите на Албанците и со граѓаните, сега сме обединети

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian