Бугарскиот весник „24 часа“ објави дека кандидатката за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, која настапува со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, нема бугарска лична карта.
Информациите дека Арсовска наводно поседува бугарско државјанство ги објави Социјалдемократскиот сојуз, покажувајќи документ наводно издаден од бугарските државни органи. Арсовска категорично ги демантира обвинувањата од СДСМ.
Софискиот весник „24 часа“ пишува дека обвинувањата за бугарско државјанство на опозициската кандидатка, изречени од пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска, предизвикале „скандал со бугарски вкус“ во пресрет на гласањето во вториот круг и конечната градоначалничка битка во Скопје.
Но, оттаму наведуваат дека е објавена копија од лична карта, при што има разлика од една буква во името (Данела-Даниела). Копијата покажува документ кој е издаден во 2017 година со адреса во Петрич, со важност до 2027 година. Репортерот на „24 часа“ ја проверил базата за лични документи и таму не фигурира лице кое е родено на 20.12.1979, со наведениот број на личната карта, пишува весникот.
Претходно денеска, весникот „Труд“ објави текст во кој го нападна противкандидатот на Арсовска, актуелниот градоначалник Петре Шилегов дека е „антибугарин“.