Црната серија продолжува, Кил му го нанесе третиот пораз по ред на Вардар во ЛШ

4 mins read

Ракометарите на Вардар ја продолжија црната серија во Лигата на шампионите и го доживеаја третиот пораз по ред, втор на домашен терен. Вардарци овој пат загубија од екипата на Кил со 26:29 во рамки на шестото коло во групата А во ЛШ.

Иако во германскиот тим немаше тројца клучни ракометари, Сагосен, Винчек и Вајнхолд, големиот број на технички грешки во нападот придонесоа за третиот пораз по ред на Вардар  откако во првите три кола оствари две победи и едно реми.

Натпреварот започна одлично за Мартин Томовски кој го одбрани ударот од седум метри на Екберг, а потоа во првите пет минути одбрани уште три  шута на ракометарите на Кил.

Неговите одбрани ги искористија крилата Дибиров и Георгиевски кои постигнаа три гола за водство до 3:1. Потоа следуваше период на лоа игра на вардарци во нападот кои резултираа со технички грешки, а и Никлас Ландин имаше неколку одбрани кои придонесоа цели десет минути „црвено-црните“ да не постигнат гол, но благодарение на одбраните на Томовски кој фати шест топки во првите 12 минути, резултатот беше 3:3.

Потоа следуваше игра гол за гол се до самиот финиш на првиот дел, кога Вардар во 28 минута со двата гола на Дибиров и на Талески поведе со 12:10. Потоа Томовски имаше уште две одбрани, а Кевин Њокас во последните секунди од првиот дел постигна гол за водство на Вардар од 13:10.

Одличен на голот на Вардар беше Мартин Томовски кој во првиот дел имаше 12 одбрани, од кои еден беше пенал, додека во нападот Тимур Дибиров постигна седум гола.

Тимур Дибиров блескаше во првото полувреме со седум постигнати голови/ фото: Слободен печат/Драган Митрески

Второто полувреме започна со гол на Дувњак, но експесно врати Јоел Моралес со својот прв гол на натпреварот, но потоа следеа два гола на Кил преку Реинкинд и Дувњак со кои германскиот тим намали на 14:13.

Оливие Њокас во 35 минути го носи Вардар на два гола предност (15:13), во гостите експресно враќаат преку Зарабец.

Во текот на сите 60 минути се водеше беспоштедна борба за секоја топка/ фото: Слободен печат/Драган Митрески

Вардар 37 минута повторно прави три гола предност благодарение на головите на Стоилов и Оливие Њокас (18:15). Одговорот на Кил беше серија од пет гола со кои поведе со 18:20 во 42 минута.

Вардарци во второто полувреме имаа проблеми со реализацијата во нападот/фото: Слободен печат/Драган Митрески

„Црвено-црните“ во наредниот се обидуваа да фатат резултатски приклучок, тренерот Веселин Вујовиќ се одличи во напад да игра седум на шест, но промашувањата во нападот беа казнувани од ракометарите ма Кил кои поведоа и со три гола разлика (20:23), а во 50 минута германскиот тим поведе и со 21:25 по голот на Никлас Едберг.

Вардар во финишот постојано беше во резултатска негатива/фото: Слободен печат/Драган Митрески

Вардарци не се предаваа и во 55. минута со голот на Дибиров од седум метри намалија на 24:26, додека на теренот имаа двајца играчи повече поради исклучувањата на Дамке и Хорак. Германскиот тим и во тие моменти успеа да постигне гол преку Домагој Дувњак за 24:27. Вардар експресно намали преку Кудуз, но Екберг го совлада Ристовски од седум метри за водство од 25:28.

Тимур Дибиров со девет голови беше најпрецизен во редовите на Вардар, а Мартин Томовски имаше 14 одбрани. На спротивната страна Домагој Дувњак постигна седум гола, а Никлас Едберг даде шест, додека Ландин имаше 11 одбрани.

Следниот натпревар, Вардар ќе го игра на 18 ноември кога ќе му гостува на Пик Сегед.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Левица до членовите: Гласајте по сопствено убедување, ама гледајте да биде против власта

Следно

АСТРО СОВЕТИ: Како да ја усогласите личноста со стилот за да бидете неодоливи

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian