Попладнево околу 18.50 часот екипите на Пожарната на Град Скопје го изгаснаа пожарот кој околу 16 часот изби во затворените бараки на Судот за прекршоци во Градскиот парк во Скопје.
Во пожарот целосно изгореа бараките од судот кој одамна е преселен.
– На терен интервенираа шест противпожарни возила и две возила на ЈП „Комунална хигиена“ иако пристигна и трето, но тоа не беше искористено, изјави за „Слободен печат“ командирот Владимир Симоновски.
Гасењето на пожарот според него било отежнато поради немањето хидранти за гаснење на пожарот од едната страна. Пожарот се разгорел поради присуството на хартии во напуштениот објект како и други леснозапалливи материјали како класери, завеси и ламперија од самата барака како и азбесниот покрив на објектот, вели Симоновски.
– За среќа, нема жртви ниту повредени во пожарот зошто таа барака не е функционална повеќе од 6 години и внатре нема живот или работење, па причините ќе биде тешко да се утврдат, вели Симовски и додава дека можно е и поради присуство на бездомници, но и некоја друга позадина. „Се може да биде, но работа е на МВР ќе ги утврди причините“, дециден е првиот пожарникар на Градот.
Погледнете ги снимките од дрон од пожарот: