РК Е. Пелистер го освои првиот бод во групната фаза оваа сезона во Европската лига откако ремизираше против Кадетен Шафхаузен на гостински терен со 28:28.
Ваков резултат не се најавуваше бидејќи битолчани во поголемиот дел од средбата во Швајцарија беа во негатива. Играчите на хрватскиот тренер Жељко Бабиќ имаа слаб старт, а домаќините тоа го искористија за стекнување висока позитива од 5:0.
Највисоката негатива на македонскиот вицешампион во текот на првото полувреме изнесуваше „минус осум“ (12:4, 13:5, 14:6). До крајот на првите 30 минути нашиот претставник ја намали предноста на Швајцарците кои на пауза водеа со 16:11.
Ништо не се смени ни на стартот од вториот дел откако повторно ривалот се одвои на „плус осум“ (20:12), но тој момент па до крајот на мечот целосно се крена битолската екипа која направи фантастична серија од 8:2 и го одведе мечот во неизвесна завршница. Стоеше само 22:20 на семафорот за Кадетен.
Во понатамошниот дел и противникот беше свесен дека треба да биде повеќе фокусиран, одржуваше константна разлика од 2-3 голови, но на крајот не успеа да ја задржа. Е. Пелистер при 28:25 врза три голови до крајот на мечот и дојде до бод кој може да му биде важен во трката за пласман во следната фаза.
Последниот погодок за реми го постигна Периќ, а токму Босанецот беше најефикасен во редовите на Е. Пелистер со шест голови, следен од Н. Маркоски, Мандалиниќ и Граџан кои имаа по четири. На спротивната страна осум голови беа дело на Зендер, а еден помалку имаше Марос.
Во второто коло од групата „Д“ се одиграа и преостанатите два натпревари, Ним – АЕК 26:27 и Татабања – Спортинг 23:37. Табела: Спортинг 4 бодови, АЕК 4, Ним 2, Кадетен 1, Е. Пелистер 1, Татабања 0.
Во следното коло на 16 ноември Е. Пелистер ќе му гостува на грчкиот АЕК со почеток од 18.45 часот.