Авторот на споменикот на Тоше се огласи по критиките: За се е виновна лошата фотографија во медиумите

2 mins read

Не стивнуваат реакциите на јавноста за споменикот на прерано починатиот македонски пејач Тошe Проески, кој во саботата свечено беше откриен во Нова Градишка.

Проески пред 14 години загина во сообраќајна несреќа на автопатот кај Нова Градишка, а споменикот го изработи скулпторот Славко Буниќ. Многумина се согласуваат дека статуата воопшто не наликува на пејачот, а на некој начин со оваа критика се согласува и скулпторот Буниќ.

– Разбирам дека луѓето се незадоволни. На прв поглед ниту јас не видов сличност – признава Буниќ. Но, Буниќ критиките ги префрла на медиумите, тврдејќи дека проблемот е во фотографијата на која не се гледаат деталите.

– Во јавноста се врти една лоша фотографија, на камерата ѝ пречеше сјајот на сонцето, па фотографијата е замаглена. Тоа е бел камен, малку пресветол и не се гледа сличноста – вели Буниќ.

„Статуите не мора да покажуваат вистинска сличност бидејќи за такво нешто треба да бидат направени од крв и месо“, е неговиот одговор на бројните критики.

Славко Буниќ вели дека е голем љубител на македонскиот славеј.

Ова следува по бројните критики околу сличноста на споменикот и ликот на Тоше. Набрзо по откривањето на споменикот, се појави лавина од незадоволни коментари.

„Намерата е добра, но статуата воопшто не личи на Тоше“, напиша еден коментатор.
„Добро е дека пишува дека е Тоше“.
„Ако ова е Тоше, тогаш јас сум Пленковиќ“.
„Да ми е да ги видам лицата на луѓето кога градоначалникот го тргна чаршафот и ја покажа статуата“.

„Ниту Македонците не би го препознале“.
„Неговото семејство треба да биде обештетено за овој „чин““.

Инаку, на свеченото откривање на споменикот на скулпторот Славко Буниќ, присуствуваа Милаим Фетаи, амбасадорот на Северна Македонија, градоначалникот на Нова Градишка, Винко Гргиќ и градоначалникот на Крушево, Томе Христовски.

Градоначалникот Гргиќ кажа дека една несреќа направи два народа, македонскиот и хрватскиот, и две општини, Крушево и Нова Градишка, да се запознаат и да соработуваат благодарејќи на песните на популарниот македонски поп пејач, Тоше Проески.

 

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Во потонатиот чамец со бегалци во Грција загинаа четири деца

Следно

Роденденска крводарителска акција во Карпош

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian