Последниот „James Bond“ на Даниел Крејг е крајно хуманизиран: Дали кородира франшизата 007?

5 mins read

James Bond 007 опстојува на филмското платно веќе 57 години во 25 екранизации. Од „Goldfinger“ до „No Time To Die“. Од Шон Конери до Даниел Крејг. Овој последниов, уште не почнат со полна глобална дистрибуција, а веќе се нагаѓа кој ќе биде неговиот наследник. Тоа зборува за супермоќниот комерцијален концепт со кој англоамериканските филмски компании го третираат филмот, ја демонстрира моќта на индустријата да произведе врвна забава и се разбира, профит.

Со што „No Time To Die“ се разликува од останатите Бондови?

Алфред Хичкок имаше уникатен рецепт во своите филмови уште на почетокот да ја покаже жртвата, а понатаму да открива кои се убијците и како го сториле тоа. И во случајот на последниот Бонд е применет истиот рецепт со таа разлика што жртви се и Џејмс Бонд и Даниел Крејг. Кои се злосторниците овде е помалку важно. Производителите на блокбастери строго внимаваат до ушите на јавноста да не дојде информација за завршетокот на филмот, дури практикуваат да снимат и алтернативен крај, за секој случај.

Но, за „ No Time To Die“ немаше алтернатива. Однапред мораше да се обзнани дека овој Бонд е последен на Даниел Крејг. Поточно, сценариото е видливо пишувано за Крејг, а помалку за Бонд. (Патем, Крејг е и копродуцент на филмот). Оттука, на Бонд мораше да му се дадат максимум човечки и приземни карактеристики. Тој е крајно хуманизиран.

Најнапред, тоа се гледа во „недостатокот“ на вообичаената „ароганција“ поради неговиот привилегиран статус на агент кој има лиценца за убивање. Не, не недостасува ниту акција, ниту тепачки, ниту убивање, туку се има впечаток дека овој Бонд тоа го прави само како службена обврска, не како една од авантурите кои радо ги прифаќал. Потоа, кај ретко кој од претходните Бондови имало толку емоции. Бонд се вљубува, има романтична врска, Бонд има чувства, Бонд е „човеколик“. И не само поради сценариските дотерувања, Крејг реагира супериорно токму со своите лични порформанси, на актер кој свесен за значењето на Бонд во неговата кариера, актер кој својот талент сака да го потврди пред својата публика. Дефинитивно ова е неговата најинтимна изведба како агентот 007.

Во однос на сиот актерски ансамбл, Крејг е (и треба да биде), како диригент на голем симфониски оркестар составен од врвни музичари од кои, за жал, слушаме и по некој фалш, но диригентот сепак успева да финишира со едно продолжено фортисимо. И природно најсилниот аплауз нему му е наменет.

Што се однесува до продукциските карактеристики, очигледно е дека како противтежа на „омекнатиот“ карактер на Крејг, долеана е мошне робусна визуелизација, а додани се и двајца негативци во филмот.

Беспредметно е да се прераскажува што се се случува во овој филм, пред се поради прилично набиенот наратив кој презема ликови и ситуации од претходникот „Spectra“, што продуцентите ги присилило да ја зголемат минутажата во конечната верзија (163 минути). Извесни скратувања би биле во функција на издржлива гледливост. Интересно е дека појавата на Ковид 19 (поради што и филмот доцнеше) има чудно коиндицирање со „нано вирусот“ од кој Бонд треба да го спаси светот. Веројатно претерувам, но мислам дека онаа луцидна реклама за DHL е поефикасна (и поефектна) од кое и да е получасовно бркање со автомобили.

Потребни ли се уште Бондови?

Во крајна линија „Не е време за умирање“ не успева да излезе од сенката на претходните Бондови. Веројатно ниту може ниту треба. Но, тоа го остава отворено прашањето: потребен ли е 26-ти Бонд? Како сите ресурси на оригиналот на Јан Флеминг да се потрошени, со сите сценариски вештини на цели тимови пишувачи, што ново би требало да се очекува? Жена Бонд? Црномурест Бонд? Робот Бонд? (веќе го имавме „Robocop“), Џедај Бонд?…

Проблемот е се чини во повторувањето на приказните, рутинското редење на сцените, предвиливоста на секој Бонд завршеток. Тешко дека радикално може да се смени класичната формула. Ако Крејг требаше да се пензионира и да загине, зошто и Бонд конечно не би отишол во пензија? Намерата е да ги спасиме идните Бондови-приправници. Зашто очигледно злото побргу се шири од доброто.

И да заклучиме дека Крејг во „No Time To Die “ е похаризматичен од Бонд.

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: Левандовски е ноќна мора за голманот на Хофенхајм, Полјакот по 18. пат го „матира“ Бауман

Следно

Ердоган: Десет амбасадори, меѓу кои на САД, Германија и Франција, ќе бидат протерани од земјата

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian