Македонскиот одбојкар-интернационалец Љафтов: Горд сум што играм во италијанската Суперлига

3 mins read

Македонскиот репрезентативец Александар Љафтов сезонава ги брани боите на Порто Робур Коста од Равена, клуб што е дел од најсилната национална одбојкарска лига на светот, италијанската Суперлига.

Љафтов (31) е првиот Македонец кој заиграл во оваа лига, што многумина ја сметаат за најквалитетна. Тој е горд што настапува во оваа лига, што му е голема лична сатисфакција. Александар има богата интернационална кариера и многу трофеи со клубовите во кои досега настапувал, но италијанската лига му е досега највискиот дострел.

– За мене е огромна сатисфакција настапот во италијанската лига, но и мотивација за лично унапредување. Се надевам дека оваа сезона ќе ми биде успешна и дека ќе го дадам максимумот – вели Љафтов за својот најнов ангажман. Тој е се уште нов во оваа средина, сезонава се одиграни само две кола, но има први впечатоци.

– Италијанската лига сосема оправдано се смета за една од најсилните на светот. Тоа се гледа на секој натпревар, од организацијата, нивото и квалитетот на игра и борбата до последен поен – вели Александар, кој смета дека веќе се прилагодил на новата средина.

– Не ми е првпат да бидам во нова средина и многу брзо се „аклиматизирав“. Соиграчите се одлични момци, имаме и неколкумина странци. Веќе помина доволно време и мислам дека успеавме да се оформиме како целина – вели Александар. Неговиот клуб во првите две кола забележа два порази (со Пјаченца 1-3 и со Таранто 0-3), а главната цел во идниот период е тој почетен впечаток да се поправи.

– Оваа година целта е да се пласираме во средниот дел на табелата, но и да парираме на сите посилни екипи – вели Александар за амбициите на клубот кој има славна и долга традиција, но во поново време не е во италијанската елита. Равена е меѓу другото шесткратен шпампион на Италија, а последната круна ја освои во 1991 година. Равена е мал град во северниот дел на земјата во близина на јадранскиот брег и одбојката таму е популарна.

– Равена е помал град споредено со некои големи италијански градови, но тоа му дава посебна убавина. Се чувствува морската клима и навистина е релаксирано за живеење. Одбојката е многу популарен спорт во цела Италија, па и овде. Луѓето доаѓаат да не гледаат и не поддржуваат – вели Љафтов. Во неговиот тим има уште неколкумина балканци.

– Во тимот имаме уште тројца Балканци, Црногорец, Србин и Бугарин и со нив имаме повеќе заеднички работи. Но не би можел да ги одвојам ни останатите играчи – вели Александар. Неговата богата интернационална кариера го доведе во Равена од шампионот на Бугарија, Хебер Пазарџик. Претходно тој настапувал и во Хрватска, Турција, Србија, Египет… Италијанската лига ја сметаат за најквалитетно одбојкарско национално клупско натпреварување на светот, пред првенствата на Русија, Бразил, Турција…

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Лифтовите во студентскиот дом „Гоце Делчев“ не работат од мај, студентите се качуваат по скали до 16ти спрат

Следно

Рама: Отворен Балкан е вистинската идеја во вистинско време

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian