„Шанса за Центар“: Нелегалното градење во Центар мора да престане

3 mins read

Парцелата на падините на Водно, на која е направен обид за нелегално градење, е надвор од опфатот на Деталниот урбанистички план за тоа подрачје, и ако се толерираат ваквите постапки ќе продолжи нелегалната бетонизацијата и узурпацијата на планината, која е од исклучително значење за Центар, но и за целиот град, соопшти денеска Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.

Тие ги поздравија реакциите на јавноста, медиумите и планинарите, како и постапката на Општината, со кои се запрени градежните активности, но посочуваат дека надлежните служби мора да го следат случајот за да не се случи градежните работи да продолжат.

Од „Шанса за Центар” посочија дека доставиле барање до Градот Скопје да се објават точните координати на целата граница на заштитениот предел на Водно. Како што појаснуваат, во одлуката за прогласување на Водно за заштитен предел описот на границите е несоодветен, описен и во делови непрецизен, што може дополнително да се толкува како можност некој „инвеститор” во иднина повторно да се обиде да вметне некоја градба.

Дополнително, посочуваат во соопштение, нејасно е зошто во ера на целосна сателитска покриеност и достапни дигитални алатки за мапирање и позиционирање, границите на подрачјето не се прецизно исцртани и мапирани сателитски.

– Границите на подрачјето мора да бидат јасни и транспарентно прикажани и за тоа постојат многу можности, се додава во соопштението.

Според граѓанската иницијатива, обидот за нелегално градење на Водно надвор од Деталниот урбанистички план и без никакви одобренија, не е единствениот ваков проблем во Општина Центар.

– Сведоци сме дека на ист начин, во околината на скопската тврдина Кале, која е историски споменик од прв степен, последите години никнаа повеќе објекти. И таму е заштитена зона, нема градби според ниту еден урбанистички план, но дивоградби има. Тие се изградени и ги кршат законите, но се завршени, функционираат и прават профит. Во центарот на градот, на просторот на поранешната стоковна куќа Беко, исто така се изведуваат градежни работи и покрај тоа што инвеститорот има забрана и против него е поднесена кривична пријава во Јавното обвинителство, се наведува во соопштението.

Од „Шанса за Центар” ја повикуваат Општината и сите надлежни институции да посветат еднакво внимание и на овие случаи и соодветно и постојано да ги санкционираат.

Советничката Јана Белчева-Андреевска, која беше носител на листата на кандидати за советници на „Шанса за Центар”, на последната седница од актуелниот состав на Советот на Општина Центар соопшти дека ќе побара информација каква е состојбата и што е преземено во сите три случаи.

– „Шанса за Центар” смета дека зачестеноста на случаите на нелегално градење и отвореното непочитување на законските ограничувања е директна последица на намерата за носење нов закон за легализација на дивоградбите. Владата мора да се откаже од намерата за носење на ваков закон, се наведува во соопштението.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

За Хазарите одењето во џамија е живот или смрт

Следно

ВИДЕО: Забава, дружење – првото издание на фан-зоната на РК Е. Пелистер

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian