ВИДЕО: Ученици од „Васил Антевски Дрен“ тренираат како да се заштитат од лажни вести

6 mins read

Деновиве во средното економско-правно училиште „Васил Антевски Дрен“ се организираат денови на мобилност во кои ученици од различни земји споделуваат искуства за тоа како да се заштитат од лажните вести кои се во пораст откако пандемијата ја забрза дигитализацијата. Доказ дека мобилноста и знаењето немаат граници ни во време на пандемија е работилницата со ученици и наставници од шест држави. Сите учесници се вакцинирани.

Директорката на училиштето Тања Јовановска објаснува дека мобилноста и добрата практика се пример за развој на неформалното образование, чиј резултат се ученици оспособени да размислуваат критички и да придонесат во развојот на општеството.

-Денеска имаме исклучителна можност да бидеме домаќини на мобилноста на учениците и наставниците од шест држави, во програмата Еразмус+, што значи дека конечно учениците после пандемијата можат да учествуваат во ваква размена и да ги чувствуваат придобивките од неа. Целта на Еразмус програмите во нашата земја е поддршката на неформалното образование, кадешто размената на искуството, користење на добри практики во државите-членки на Европската Унија значи учество во проекти како носители, но и вмрежување од страна на други определени држави и училишта, изјави Јовановска за „Слободен печат“.

Кристина Димитрова, координатор на проектот во Северна Македонија, за „Слободен печат“ вели дека целта е децата преку дружење да се стекнат со медиумска писменост.

-Децата се во голем ризик од сајбер насилство. Ако порано во минатото не сме имале доволно информации за нештата, сега проблемот е спротивен; добиваме и повеќе информации од кои е тешко да одбереме што е вистинито, а што не. Се стремиме да ја подигнеме свеста за лажни вести, учениците да добијат медиумска писменот и да не подлегнуваат на манипулации и пропаганда, рече Димитрова.

Јоана Вазковска, координатор на проектот и професор од Полска, објаснува дека медиумите суптилно манипулираат со народот преку избор на патетични зборови во насловите и извртување на контекстот.

-Главната цел на проектот е да се сфати како медиумите манипулираат со народот. Не само со визуелни ефекти, туку и со наслови-мамки, и зборови што може да потенцираат погрешен смисол. Понекогаш користиме метафори што имаат огромно влијание на луѓето. Луѓето не секогаш го сфаќаат ефектот на зборовите, и не знаат дека се изманипулирани. Треба да внимаваме на опасностите што се насекаде околу нас. Затоа почнуваме од лажните вести и емотивниот ефект што го предизвикуваат кај читателот. Постојат и ИТ алатки, како проверка на фактите, проверка на сајтовите, па дури и постојат сајтови за проверка на фото-содржини. Ова е одличен тренинг за студентите, бидејќи најопасните манипулации не се целосни лаги, тукуи се базираат на вистински факти, односно на извртување на вистината и контекстот. Друг вид манипулација е со генерирање на видеа и слики со лажни лица. Па така, имаме бихејвиорални алатки, ИТ алатки и социјални алатки во превенцијата и спречувањето на ваквиот вид на манипулација. Социјалните алатки ни помагаат да сфатиме што правиме во оваа заедница и зошто сме овде: дали за да читаме факти, да ги анализираме или да ги создадеме. Најопасен е делот од заедницата што е тивок. Ги учиме да не се плашат да кажат кога со нешто не се согласуваат, вели Вазковска за „Слободен печат“.

Ива Стојановска, училишниот психолог, и коорднатор на некои од проектите на Еразмус, за „Слободен печат“ појаснува што значи учеството на „Васил Антевски Дрен“ во проектот за учениците.

-Бенефитот од Еразмус е голем бидејќи патуваат ученици и наставници што инаку не би можеле да си дозволат да патуваат во тие европски земји, им се отвара патот, видиците, се создаваат нови јазични и комуникативни вештини, се пробиваат на пазарот на трудот во Европа, добиваат Еуропас сертификат што подоцна им користи за аплицирање на факултетите и кај нас и во странство,  учат за културите на другите земји, а културните стереотипи што ги имаме за другите се рушат преку запознавањето со другите ученици и учењето на нивната култура, религија и традиција. Наставниот кадар стекнува нови вештини, на пример за дигитализација, учат од најдобрите училишта во Европа како се спроведува образовен процес, учиме многу за неформалното образование и како да го доближиме, и кој е бенефитот на учениците од формалното и неформалното образование. Многу повеќе учат на овој начин отколку на самите часови, тоа е всушност и идејата на Еразмус+. Акцентот е на јакнење на вештините, капацитетите на училиштата, наставниците, учениците и целокупниот образовен систем, како и доближување до Европа, вели Стојановска за „Слободен печат“.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО | Град со големина на грејпфрут, силно невреме во Австралија

Следно

Светско на две години или закана со бојкот и „минус“ од три милијарди за федерациите на УЕФА

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian