Грабежот во пошта во црногорскиот град Никшиќ кој се случи утрово, остави трагични последици, откако почина обезбедувач кој беше тешко ранет во престрелка со разбојниците. Полицијата трага по напаѓачите, чиешто возило е пронајдено запалено.
Маскираните ограбувачи, вооружени со автоматски пушки, ги нападнале работниците кои носеле пари во поштата, при што е ранет обезбедувачот Љубиша Мрдак, кој подоцна им подлегнал на повредите во болница, пишуваат локалните медиуми. Останатите обезбедувачи се совладани со спреј-солзавец, по што крадците ги однеле вреќите со околу 380.000 евра.
По разбојништвото, напаѓачите избегале со џип со босански регистарски таблички, кој подоцна е пронајден напуштен и запален кај селото Гребице, во близина на Никшиќ. Полицијата има индиции дека грабежот е добро испланиран, затоа што разбојниците знаеле точно кога пристигнуваат парите наменети за исплата на пензии.
Според полицијата, џипот „Нисан Кашкаи“ е украден пред еден месец од паркинг во босанскиот град Дервента, па се истражува дали и разбојниците се од БиХ.