РЕЦЕПТ | Стефанија Несторовска ни приготви вкусни тиква браунис, прсти ќе излижете!

3 mins read

Сезоната на тиква и пријатни „топли“ вкусови ја прогласуваме за отворена, а младата инвентивна Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, ви донесува рецепт за неодоливи тиква браунис, со кои ќе си ја засладите душата во есенските денови.

Стефанија порачува дека за да го приготвите овој деликатес не ви е потребно никакво брашно, туку во замена користете само блендирани бадеми. Без разлика на тоа текстурата е феноменална.

Ако сте печеле тиква и ви останале остатоци, искористете ја да ги направите овие чоколадни печени браунис, после што тиквата ќе ја гледате со други очи, вели Стефанија.

Состојки:

150 гр (шолја) бадеми, сирови, блендирани како брашно

2 лажици какао

1 лажичка цимет

1/2 лажичка ѓумбир

1/4 лажичка морско оревче

1/2 лажичка сода бикарбона

2 јајца

170 гр (1 шолја) чоколадни капки или 1 цело црно чоколадо

70 гр (1/3 шолја) кокосово масло или ги путер

80 гр (1/4 шолја) агаве сируп

120 гр (1/2 шолја) пире од тиква

За декорација (по желба):

сечкани ореви

– чоколадни капки

Ако имате печена тиква, само испасирајте ја во блендер или со вилушка и ќе добиете пире од тиква.

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Рерната се загрева на 175 степени Целзиусови и се поставува хартија на сад за печење. Користете керамички сад 20 х 20, но ако го немате, каков било сад добро ќе функционира.

Се додаваат чоколадните капки или црното чоколадо во мало тенџерче и се става во микробранова или на многу ниска температура на рингла да се растопи. 

Во меѓувреме, во длабок сад се додаваат јајцата, кокосовото масло, агавето и се промешува. Кога чоколадото ќе се стопи, се додава во истата смеса и повторно се промешува сѐ додека не се соедини и не добиете пудингсмеса.

На оваа смеса се додаваат мелените бадеми, какаото, зачините и сода бикарбона. Повторно убаво се промешува, сѐ додека сите состојки не се соединат комплетно.

Се додава смесата во садот за печење и убаво се израмнува. 

Одозгора се додава и пирето од тиква. Со нож или со вилушка се прават кружни движења, за да се соедини смесата. 

На крај се додаваат оревите и чоколадните парчиња и се пече во загреаната рерна 30тина минути. 

Проверете со чепкалка дали е готово. Ако остане смеса на чепкалката, потребни се уште неколку минути.

Се остава да се излади пред да се сече. Парчињата може да стојат на собна температура 2-3 дена или во ладилник до 4 дена. 

Забелешки и совети:

– Агавето може да се замени со каков било течен засладувач. Мед, јаворов сируп, меласа, сируп од урми и слично.

– Кокосовото масло или ги путерот задолжително се мери во течна состојба. 

– Пирето од тиква не мора да го мерите, ставете од око, тоа оди на крај од смесата и повеќе е подобро, па нема да згрешите и ако ставите повеќе.

Фото: Приватна архива

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

На 101-годишна возраст почина Адмирал Бранко Мамула

Следно

Казни за сопственикот кој рамнел земјиште на Водно, најавија од општина Центар

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian