Стоматолог Илија Караманов: Крвавењето на воспалени гингиви при четкање на забите е прв аларм за пациентот

3 mins read

Воспалението на гингивите или познато како гингивит е една од најчестите патолошки промени во усната шуплина. Се карактеризира најчесто со изразено црвенило на гингивите и тоа најпрво со црвенило во форма на венец кое е во непосреден допир со вратот на забот, а доколку воспалението е помасовно, самото црвенило е поголемо и поизразено. Така воспалените гингиви многу лесно крвават, и тоа најчесто при четкање на забите, што претставува и прв аларм за пациентот да преземе нешто.

Понекогаш, гингивитите се проследени и со отекувања на самите папили, кои добиваат топчест изглед, интензивни или темно црвени и со сјајна површина. Само за споредба да спомнеме дека здравите гингиви или папили (дел од гингивите кои се наоѓаат меѓу забите во форма на триаголниче) треба да изгледаат бледо розови и со гранулирана односно нерамна површина.

Хигиената од клучна важност

Главен причинител на гингивитите е недобрата хигиена. Четкањето на забите 20-30 секунди, четкањето на забите со четка постара од два до три месеци, влегуваат во категоријата недобра хигиена. Времетраењето на четкањето на забите, кое треба да изнесува околу две до три минути, ни гарантира дека за тоа време убаво и темелно ќе бидат исчеткани сите регии од забните низови. Редовното четкање од најмалку двапати дневно како и редовното менување на четката за заби (на секои два до три месеци) исто така се услов за добро одржување на хигиената на забите.

Што всушност се случува ако хигиената затајува?

На забите, особено во делот кој е во непосреден контакт со гингивите, се наталожуваат таканаречени меки наслаги, кои се мешавина од плунката и храната. Наталожените меки наслаги се добра подлога за развивање на микроорганизми кои се нормална флора во усната шуплина, но наслагите ги користат како подлога за нивно размножување. Киселоста во таквата наслага рапидно се зголемува и предизвикува деминерализација на глеѓта од забот и појава на гингивит. Процесот продолжува и понатаму со тоа што меката наслага почнува да се минерализира и полека да се претвора во тврда наслага која е позната како забен камен. Забниот камен од друга страна, прави дополнително иритирање на гингивата, која се „брани“ со воспалителен процес во смисол на црвенило, набабрување и на крај со повлекување. Како се повлекува гингивата, така настанува и повлекување на коската од чашките во кои е сместен забот, што предизвикува ослабување на потпорниот апарат на забот, негово расклатување и на крај губење.

Гингивитите можат да бидат и симптом на некои крвни заболувања, најчесто анемиите. Затоа, кај упорни гингивити, кои не реагираат на терапија, треба да се направи и крвна слика, за да се провери дали се работи за некоја крвна дискразија.

 

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Кошаркарките на Чикаго скај се нови ВНБА шампионки

Следно

Стефковски победи во првиот круг во Гази Баба со над 8.000 гласови повеќе од Георгиевски

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian