Чудни, нови симптоми на сојот делта – чешање на лицето и лупење на кожата

3 mins read

Кашлица, висока температура, губење на сетилата за вкус и мирис, како и главоболка беа карактеристични симптоми на инфекцијата со коронавирусот.

Со појавата на сојот делта, експертите предупредија дека симптомите ќе наликуваат на оние што се појавуваат кај „обичната“ настинка.

Според податоците од апликацијата Зое симптом (Zoe Symptom), симптомите пријавени од луѓе заразени со сојот делта на новиот коронавирус се течење на носот, главоболка, кивавица, болки во грлото и губење на сетилото за мирис.

Но, како што расте бројот на заболени, така и луѓето пријавуваат сѐ повеќе необични симптоми коишто се појавуваат паралелно со вообичаените симптоми на инфекција со сојот делта.

Лупењето на кожата

Една жена пријавила дека прстите ѝ се исушиле и дека кожата ѝ се излупила од нив, додека други пријавиле такви симптоми и на дланките и на стапалата.

За многу луѓе, овие симптоми не ги предизвикува самиот вирус, туку  имунолошкиот одговор на непријателот што влегол во организмот.

Професорот Тим Спектор рекол дека лупењето на кожата од прстите е симптом што заболените од ковид-19 често го пријавуваат.

– Звучи слично на „ковид прсти“, со тоа што почесто се појавува на прстите на нозете, но може да ги зафати и прстите на рацете – рекол професор Спектор и додал дека апликацијата ЗОЕ го регистрирала овој симптом во времето кога никој не го сфаќал сериозно.

Збрчкана кожа на рацете

Уште еден необичен симптом кој луѓето сѐ почесто го пријавуваат е збрчканата кожа на рацете.

Дијана Пардо (23) пријавила дека кожата на рацете ѝ се збрчкувала веднаш штом ќе ја допрела водата. Овој симптом го забележала на петтиот ден од инфекцијата со новиот коронавирус.

Многу луѓе пријавиле проблеми со кожата по заразувањето со ковид-19, што би можело да биде последица на прекумерна реакција на имунолошкиот систем на непријателот кој „се вселил“ во организмот.

Чешање и црвени печати на лицето

Некои пациенти пријавиле дека кај нив ковид-19 започнал со вообичаените симптоми слични на грип, но дека наскоро почувствувале неподносливо чешање на лицето.

Ребека Лефевр (31) изјавила дека морала да повика и итна помош, откако поради коронавирусот ѝ се појавил ужасен осип по телото, а усните неприродно ѝ отекле.

Претходните студии во Кина и Италија покажаа дека 26 отсто од пациентите со ковид-19 имале проблеми со кожата или пријавиле осип.

Експертите потсетуваат дека вирусните инфекции можат да бидат поттикнувач за појава на копривњача, бидејќи предизвикуваат распаѓање на клетките и ослободување на хистамин преку каскада на реакции во имунолошкиот систем. Копривњача често се појавува паралелно со другите болести и состојби, а статистиките велат дека е почеста кај пациентите на средна возраст.

 

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Бабиќ: Ним е типична француска екипа, не очекува „војна“ на теренот

Следно

Либералите дадоа „зелено светло“ за семафор-коалиција

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian