Следејќи светски фуд-блогови, сфаќам колку всушност бомбицата како ситно колаче е најчест и најбрз начин да се „спасат“ одредени вишоци од јатки, бисквити… И секогаш има различни варијации. И сите се подеднакво интересни за правење.
Пред некое време, на подарок добив конзерва кондензирано млеко и табла темна чоколада. Нормално, знаев дека ќе треба да ги направам познатите бразилски колачиња, наједноставни на свет. Бомбиците наречени brigadieros се традиција во Бразил, а првпат биле направени во слаткарница во Рио де Жанеиро како дел од промотивна претседателска кампања.
Овој пат, бразилските бомбици ги правевме заедно со ќерка ми и се разбира, таа уживаше многу повеќе одошто јас 🙂
Потребни состојки:
1 конзерва кондензирано млеко (обично е 375мл)
100 гр темна чоколада
50 гр путер
прстофат сол
Подготовка:
Во тенџерче растопете го путерот на тивок оган и додајте го кондензираното млеко. Мешајте постојано нежно со дрвена лажица и додадете го чоколадото кршено на коцки. Додадете ја солта и мешајте додека да добиете густа смеса, со структура како пудинг. Треба чоколадата да е целосно растопена во млекото. Смесата потоа претурете ја во широк плиток сад и покријте ја со стреч-фолија и оставете ја добро да се олади, барем 1 час.
Откако ќе се олади, ќе биде супер за формирање бомбици. Со намастени раце со путер, вадете топчиња во големина на орев и можете да ги валкате во кокос, какао во прав, чоколадни трошки…
Пред послужување чувајте ги во фрижидер.
Извор: www.slobodenpecat.mk