Некои работи сега се појасни, кои играчи се реални мети, а кои нереални за Њукасл

3 mins read

Екипата на Њукасл денеска (17.30 часот) ќе го игра првиот натпревар откако стана најбогат спортски клуб на светот и тоа против Тотенхем.

Се очекува за последен пат на клупата на Њукасл да седи Стив Брус, а новите сопственици имаат големи планови кои ќе можат да ги реализираат дури од јануари.

Новата управата предводена од Аманда Стелвеј иако ќе има на располагање 200 милиони евра за засилувања, свесна е дека нема да може да донесе екстра квалитетни фудбалери чии имиња се споменуваат во медиумите.

Целта на Стелвеј е Њукасл да донесе неколку засилувања во зимскиот преоден рок со цел екипата да обезбеди опастанок во Премиер лигата и идното лето да ангажираат фудбалски ѕвезди  со кои ќе се вмешаат во трката за трофеите.

Сепак, во медиумите се појави информација за тимот кој новите сопственици кои можат да го создадат за наредната сезона.

На голот се очекува да биде Кејлор Навас кој би чинел околу 12 милиони евра и за кого се очекува да ја прифати понудата бидејќи во Њукасл би бил прв голман за разлика од ПСЖ каде Џанлуиџи Донарума се почесто е прв избор на тренерот Покетино.

Во одбраната како едно речиси сигурно засилување се споменува дефанзивецот на Барнли, Џејмс Тарковски чиј трансфер би изнесувал 25 милиони евра, додека приказната околу доаѓањето на Матијс де Лихт од Јувентус за 75 милиони е нереална бидејќи холандскиот репрезентативец сака да игра во Лигата на шампионите.

Поради тоа, новата управа може уште во јануари да тргне го пореална мета, Ерик Баји од Манчестер јунајтед за кого би платиле најмногу 20 милиони евра.

Место во средниот ред треба да има за Филипе Кутињо кој ќе ја задржи платата од 14 милиони евра, а Барселона се очекува да добие помеѓу 20 и 30 милиони евра обесштетување. Следна мета е Џеси Лингард од Манчестер јунајтед, како и Адриен Рабио од Јувентус кој би дошол на „Сент Џејмс Парк“ за 30-тина милиони евра.
Исто така ново засилување се очекува да биде и Арон Ремзи кој би дошол како слободен играч од Јувентус.

Од големите имиња кои се нереални мети се наоѓаат тие на Федерико Киеза и на Хари Кејн. Далеку пореална опција е Рахим Стерлинг доколку не се пресели во Барселона на позајмица.

Што се однесува до идниот тренер, Брендан Роџерс, Антонио Конте, Жозе Мурињо и Рафаел Бенитез немаат намера во првата година да ја прифатат понудата и сакаат да ги видат првите чекори од новиот проект. Засега најголеми шанси нов тренер на Њукасл им се даваат на две имиња, Френк Лампард и Лусиен Фавр.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

До пладне пристигнале 48 приговори до ДИК, излезноста до 13 часот е 26,76 проценти

Следно

Готвач го каснала исечена глава на кобра, додека ја подготвувал за вечера

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian