Како се пие парацетамолот и зошто треба да бидете претпазливи со него?

6 mins read

Парацетамол е генеричко име за еден од најкористените лекови за температура и болка. Можете да го најдете како поединечен лек под различни фабрички имиња (фебрицет, панадол, парацетамол…), но, сѐ почесто се појавуваат и комбинациите на парацетамол со ибупрофен и со другите лекови, пишува на сајтот „Савети лекара“.

Поентата е дека овој лек понекогаш се зема здраво за готово и како лек којшто може секој да го зема, вклучително и доилките и бремените жени.

Како настанал парацетамолот?

Парацетамолот првпат е синтетизиран во 1877 година, но во широка употреба се влегол околу 1950 година, кога е потврдена неговата безбедност. Оттогаш, стана еден од најчесто користените лекови за намалување на висока температура и на болките.

Се наоѓа дури и на листата на основни медицински лекови на Светската здравствена организација.

Причината за тоа е фактот дека е еден од лековите што може да се користи и во бременоста и доењето, и дека има малку несакани ефекти и ограничувања.

За што служи парацетамолот?

Парацетамол е лек за намалување на симптомите на болка и за намалување на температурата.

Ако го споредиме со другите лекови од оваа бранша, тој претставува послаба варијанта. Може да ја смири болката со низок и среден интензитет и малку да ја намали температурата. Послаб е од ибупрофенот, но има предност во однос на него бидејќи може да се користи повеќепати во текот на денот.

Неговото дејство започнува околу 60 минути по земањето и трае околу четири часа.

Како се користи парацетамолот?

Лекарите советуваат овој лек внимателно да се зема и да се сфати сериозно. Дозата од 500 милиграми, колку што обично има една таблета, може да се зема четири пати на ден односно на секои шест часа.

Ако имате посилни болка, можете да се зема и на четири часа по 500 мг или 1000 мг на 4 часа. Важно е да се напомене дека максималната дневна доза е 4.000 милиграми, односно осум таблети на ден. Никогаш и никако не смее да се надмина оваа доза.

Ако земате други лекови за настинка, задолжително треба да го погледнете упатството на тој лек и да видите дали случајно и тој содржи парацетамол во себе.

Токсичните реакции на парацетамол се ретки, но опасни по живот.

Прашањето е, колку парацетамол можете да земате на своја рака?

Во теорија, максималната дневна доза е осум таблети дневно до три дена, но во реалноста таа доза е мошне помала. Бесцелно е да пиете максимални дози парацетамол три дена.

Проблемите што траат толку долго и не се „покриени“ со лекови бараат преглед и детална анализа.

Пореално е да почнете со една таблета парацетамол на 4-6 часа. Ако проблемите не се смират или се влошат по една до две таблети, обратете се кај лекар.

Кои се несаканите ефекти од парацетамолот?

Парацетамол ретко кога има несакан ефект и најчесто тоа се алергиски реакции и стомачни проблеми. Но, ако се надмине дозата од осум таблети дневно, несаканите ефекти може да бидат опасни по живот. Причината за ова е процесот на разградување на парацетамолот што поминува низ црниот дроб.

Големите количини на овој лек може да доведат до акутно оштетување на црниот дроб, што може да се рефлектира во појава на жолтица, гадење, повраќање, болки во стомакот и малаксаност, како и зголемување на вредностите на ензимите на црниот дроб AST, ALT и маркери на оштетување GGT.

Ако оваа состојба не се реши, може да настане откажување на црниот дроб односно состојба опасна по живот. Од таа причина, здравиот црн дроб е нешто на што треба да обрнат внимание сите оние кои го пијат овој лек.

Луѓето кои имаат оштетување на црниот дроб, на пример, оние кои консумираат алкохол, треба да земаат помали дози парацетамол или да го избегнуваат.

Во некои студии, забележано е дека земањето парацетамол го зголемува притисокот за 4 мл на живиниот столб, што се чини мал, но сепак значаен број.

Исто така, забележани се случаи каде парацетамолот предизвикал крвавење во желудникот.

Сето ова ја доведува во прашање можноста за употребата на парацетамолот во хроничната терапија и нагласува дека ако проблемите не се смират по три дена од земањето парацетамол, неопходно е да се посети лекар.

Парацетамол во бременост и доење?

Парацетамолот се смета за еден од ретките лекови којшто е дозволен како во бременоста и така и во доењето. Тој сепак ја преминува плацентата, што со себе го повлекува прашањето како го разградува метаболизмот на бебето, но засега, истражувањата на оваа тема се оскудни.

Се разбира, се советува претпазливост, и земање на овој лек само кога е неопходно и не на подолг временски период.

На крајот, заклучокот би бил дека парацетамолот, како и сите други лекови, има свои добри и лоши страни. Од таа причина, бидете внимателни кога го користите овој лек и јавете се кај лекар ако тегобите не поминуваат.

 

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Отворена линија кај Народниот правобранител за пријавување изборни нерегуларности

Следно

Скопје станува регионална трговска престолнина, кои брендови доаѓаат во Ист Геј Мол?

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian