ВИДЕО: Бугарски новинар не ги најде „осквернавените воени гробишта“ кај Кавадарци

2 mins read

Двата бугарски споменика кај Кавадарци, за кои официјална Софија вчера обвини дека се оштетени, се недопрени, а воените гробишта за кои фондацијата „Македонија“ тврдеше дека се осквернавени при изградба на пат, никогаш не постоеле во областа – ова е заклучокот на новинарот на бугарската државна телевизија БНТ, испратен да ја покрива приказната која вчера предизвика дури и реакција од бугарскиот претседател Румен Радев.

Во извештајот на БНТ се наведува дека локалните жители не се сеќаваат дека на тоа место некогаш имало бугарски воени гробишта.

„Тие се наоѓаат на еден и пол километар растојание еден од друг, на магистралата која треба да ги поврзе Скопје и Прилеп. Наспроти тврдењата на фондацијата “Македонија” која тврди дека се осквернавени бугарските воените гробишта, локалните жители велат дека на ова место не ни паметат дека ги имало и дека отсекогаш постоеле само двата споменика“, вели новинарот на бугарската државна телевизија.

И македонското Министерство за надворешни работи денеска демантираше дека спомениците биле оштетени.

Едниот од спомениците, посветен на Пере Тошев, е преместен кога почнала да се гради магистралата во 2017 година и тоа во консултација со бугарските здруженија во земјава, велат соговорниците во прилогот на БНТ.

Бугарскиот репортер рече дека единствената замерка му е тоа што откако новиот пат ќе биде пуштен во употреба, нема да има пристапен пат до спомениците за оние кои ќе сакаат да оддадат почит.

Поврзувајќи го наводното оштетување на спомениците и гробиштата на загинатите бугарски војници од Првата светска војна со „положбата на Бугарите и во Македонија“, Радев денеска тврдеше дека во земјава постои систематско кршење на нивните права.

Тој смета дека инцидентот, којшто денеска се покажа како измислен, е “класичен пример за вистинскиот проблем за спорот меѓу двете земји – дискриминацијата на Бугарите во Македонија“.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Почина избодениот британски пратеник

Следно

Помалку сол во исхраната на Американците би значел поздрав живот

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian