Путин предупреди: Во Авганистан има илјадници членови на Исламската држава

2 mins read

Рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека околу 2.000 припадници на Исламската држава се на северот на Авганистан. Според него, тие планираат да го прошират своето влијание во земјите од Централна Азија и руските региони со поттикнување конфликти на етничка и верска основа.  

Путин изјави дека ситуацијата во Авганистан е причина за загриженост бидејќи постои опасност за Централна Азија и земјите од ЗНД. Ситуацијата, како што вели тој, бара активни заеднички напори, пред се во областа на борбата против тероризмот и трговијата со дрога.  

Според него, соработката со талибанците мора да постои, но дека официјалното признавање не треба да се брза.  

„Нема потреба да се брза со официјалното признавање на талибанците. Ние треба да соработуваме со нив, но не треба да брзаме. Ќе го разгледаме тоа заедно, ќе се консултираме со вас”, рече рускиот претседател на седницата на Советот на шефови на државите на ЗНД.  

Тој додаде дека владата формирана од талибанците не го одразува целиот спектар на ставови во земјата.  

„Во исто време, тие ја изразија својата намера да спроведат избори на сите нивоа и се применуваат мерки со цел повторно да се воспостави работата на државните органи. Ние, исто така, ќе следиме во рамките на ЗНД дали овие ветувања се спроведуваат”, рече Путин.  

Производството и шверцот со наркотици останува исклучително голем проблем, посочи тој и додаде дека на талибанците ќе им биде тешко да се откажат од таков извор на приход.  

„Таа земја е главниот снабдувач на опијати во светот, речиси 90 проценти од вкупниот светски пазар. И покрај ветувањата дека ќе се борат против производството на дрога, не знам дали тие навистина ќе успеат, дали сакаат да се справат со тоа или не”, рече тој.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Започнува поединечната продажба на билети за натпреварот Е. Пелистер – Ним

Следно

ВИДЕО | Мицкоски до земјоделците: Во ВМРО-ДПМНЕ имате пријател, партнер за решавање на вашите проблеми и маки

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian