Им бил ветен „рајот на земјата“, но биле измамени: Јапонци ја тужат Северна Кореја

4 mins read

Пет луѓе кои тврдат дека биле намамени во Северна Кореја како дел од програмата за преселување пред неколку децении, сега ја тужат земјата и владејачкиот режим затоа што им ветиле „рај на земјата“, но во реалноста им ги скратиле основните човекови права, пренесува Гардијан.

Петте тужители – четворица Корејци кои живеат во Јапонија и една Јапонка која се преселила во Северна Кореја со нејзиниот сопруг и ќерка од Кореја – бараат 100 милиони јени (759.200 евра) како компензација од режимот на Ким Јонг -ун.

Иако никој не верува дека Ким ќе ја плати оваа надомест, се очекува дека случајот ќе укаже на страдањата на десетици илјади луѓе, претежно корејски државјани и нивните сопружници од Јапонија, кои отишле во Северна Кореја како дел од програмата на Пјонгјанг.

„Не очекуваме Северна Кореја да ја прифати одлуката или да плати надомест“, рече нивниот адвокат Кенџи Фукуда. „Но, се надеваме дека јапонската влада ќе може да преговара со Северна Кореја“, додаде тој.

Повеќе од 90.000 Корејци кои живеат во Јапонија, повеќето со семејни врски на југ, се преселиле во Северна Кореја помеѓу 1959 и 1984 година.

Петмината, кои ја поднесоа својата тужба во 2018-та година, се меѓу ретките кои учествуваа во програмата на Пјонгјанг, а потоа успеаја да избегаат од Северна Кореја и да се вратат во Јапонија.

Повеќето од доселениците биле меѓу стотиците илјади Корејци кои работеле во рудниците и фабриките во Јапонија, многумина против нивната волја, за време на јапонското колонијално владеење со Корејскиот Полуостров од 1910 до 1945 година, како и 1.830 Јапонки кои се омажиле за Корејци.

Корејците кои останале во Јапонија по војната биле лишени од јапонско државјанство и дискриминирани во образованието, домувањето и вработувањето.

Северна Кореја/ Фото Архива на Слободен печат

Лажна надеж

Режимот во Пјонгјанг, со благослов на јапонската влада, им вети на етничките Корејци нов живот во социјалистичкиот рај, со бесплатно образование и здравствена заштита, гарантирани работни места и домување.

Наместо тоа, тие биле принудени да вршат физичка работа и да страдаат од лоши услови за живот, според тужбата и барањето за отштета. Тие велат дека им било забрането да патуваат во Јапонија и да ги посетуваат своите семејства.

Во барањето пред судот во Токио, тие го обвинија Пјонгјанг дека „ги измамил со лажно рекламирање да се преселат во Северна Кореја“, каде што „уживањето на човековите права генерално е невозможно“.

Според нив, владата на Северна Кореја, отсекогаш имала намера да ги користи за да се справи со недостатокот на работна сила по Корејската војна од 1950-1953 година и да ја демонстрира политичката супериорност на земјата во светот.

Семејствата се заробени во режимот на Ким

Тужбата се однесува и на нивното одвојување од членовите на семејството кои се уште се заробени во Северна Кореја.

„Не знам што се случи со моето семејство. Можеби тие беа погодени од коронавирусот, можеби некои од нив починаа од глад”, рече Еико Кавасаки, еден од тужителите. „Никој од нас немаше да замине ако ја знаевме вистината за Северна Кореја“, додаде Кавасаки, кој живеел таму 43 години пред да побегне во 2003 година, оставајќи ги зад себе своите возрасни деца.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Шилегов откри кога ќе биде завршена реконструкцијата на Универзална сала

Следно

Тетовчани ќе рециклираат: Прва вендинг машина за рециклирање пластични шишиња и лименки во градот

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian