ВИДЕО: Дебата на кандидатите за Штип: Ред планови и ветувања, ред зајадливост и обвинувања

3 mins read

Кандидатите за градоначалник на Штип, Сашко Николов од СДСМ, Иван Јорданов од ВМРО-ДПМНЕ и Симон Поликарп-Џими од Интегра вечерва ги соочија своите изборни програми во дебата на телевизијата Канал 5.

Во, на моменти вжештената дискусија, доминираа темите кои се издвојуваат како клучни во Штип пред овие локални избори – инфраструктурата, проблемите со ѓубрето во градот, сообраќајот, дивоградбите.

Николов рече дека СДСМ, предводејќи ја општината, реализирал скоро 70% од предвидената програма.

„Тоа што ме радува е што успеавме во реализирањето на уште многу проекти кои беа барања на граѓаните“, рече тој.

„Цело време бевме на терен, ги решававме маките во рурални и урбани средини и ги решаваме проблемите во наредните 5 до 7 денови. Направивме систем во јавната администрација и контрола на забошотувањата на одредени вработени, кои решавале едно дело за 5-7 денови, наместо за еден ден. Го решивме и крупниот проблем, а тоа е Генералниот урбанистички план“, рече Николов.

Јорданов рече дека еден од неговите приоритети ќе биде селектирањето на отпадот, како и спречувањето на палењето на градската депонија. Тој рече дека има волја и способност да ги реши проблемите на Штип, наспроти противкандидатот Николов, кој според него нема легитимитет да ја бара довербата на штипјани.

„Господинот Сашко Николов убаво кажува вака, но само декларативно, она кое сега го зборува пред јавноста ние четири години не го видовме, едно е само да зборувате и пред четири години и сега само дека ќе правите проекти и дека ќе инвестирате со набројување на проекти, но ништо од тоа не видовме, затоа ви реков господине Николов од каде го црпите легитимитетот како кандидат кој ништо не направи во овие десет месеци, но и како дел од СДСМ кој беше локална власт во овие четири години“, критикуваше Јорданов.

Добар дел од вечерашната дебата помина во знак на обвинувања и зајадливи дијалози меѓу Николов и Јорданов.

„Немајќи резултати, ги раскопаа градските улици за да покажат дека нешто работат. На месец дена пред избори создадоа метеж и проблеми за граѓаните“, обвини опозицискиот кандидат .

„Токму вашата власт ставаше коцка преку асфалт, токму вашата власт ги полнеше шахтите и создаде циркус на улиците“, возврати актуелниот градоначалник.

„Сакам да му кажам на Николов да се врати во реалноста“, продолжи нешто подоцна Јорданов. „Наместо да ја промените водоводната мрежа, потрошивте три и пол милиони денари на садење на цвеќе“.

Поликарп, во миговите кога ќе успееше да им се вмеша во жешката дискусија на противкандидатите, рече дека планира да воведе возење по принципот „пар-непар“ во Штип, со кое автоматски ќе се намали бројот на возила во центарот, и ќе се добие чист воздух, а ќе се намали и метежот по улиците. Тој најави и зголемување на бројот на паркинг-места, што заедно со другите мерки, според него ќе придонесе да се реши проблемот со сообраќајот во градот.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Мистериозниот „Хавана синдром“ присутен и кај американски службеници во Колумбија

Следно

Историска победа на Бадел 1862 во регионалната ВАБА лига

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian