Уште не е најден фантом лекарот што и препишувал инфузија на пациентка дома

4 mins read

Шеесет и петгодишна жена од скопското село Држилово е починатата пациентка која дома со инфузија на своја рака ја лекувал лекар, по што таа починала неколку часови по хоспитализацијата во ГОБ „8 Септември“. По лекарот уште се трага со оглед на тоа што семејството не сака да го открие неговиот идентитет. Директорот на ГОБ „8 Септември“ доктор Христијан Костов, за „Слободен печат“ кратко изјави дека во ковид-центарот пациентката дошла во терминална фаза, а потоа лекарка од болницата го пријавила случајот во полиција.

Во разговор со синот на починатата жена, лекарката дознала дека лекарствата со точни називи кои тој ги знаел да ги наведе и биле администрирани на неговата мајка во текот на една недела колку што лекарот им доаѓал дома. Но, за овие лекарства, кои биле давани на своја рака, не постои ниту медицинска белешка, ниту трага на историјата на лекување, ниту имало препорака од матичен лекар кој само дал антибиотици на ковид позитивната жена.

Според неофицијалните информации на „Слободен печат“, пациентката во дневната амбуланта на ГОБ „8 Септември“ дошла само за да и биде направен рентген и крвна слика, но додека ги чекала резултатите, драстичното и се влошила состојбата по што починала.

Овој случај е само еден во низата на пандемијата со лекување на своја рака и во домашни услови која ја практикуваат граѓаните. Дел од нив, причините за ваквото лекување ги оправдуваат со страв од болници и со губење на довербата во здравствениот систем. И во другите клиники кои се ковид-центри, во клиничкиот центар Мајка Тереза, директорите велат дека постојано доаѓаат пациенти кои се лекувале дома но не се долекувале, со сомнителни инфузии, без медицинска историја и без некој да ги препише тие терапии кои не фигурираат во ниедна медицинска белешка.

Ваквото лекување од фантом доктори во домашни услови, може да се окарактеризира како една дополнителна причина за високата смртност од ковид во земјава, ако се земе предвид изјавата на директорот на Клиниката за пулмологија доктор Дејан Докиќ, дека секој петти починат пациент во ковид центрите на интерните клиники, починал истиот ден кога е примен во болница.

Од вкупно 3 илјади пациенти заразени со коронавирусот кои се лекувале во ковид центрите на интерните клиники изминатите шест месеци, бројот на починати е 381, а дури една петтина од нив починале истиот ден кога биле примени во болница. Доктор Докиќ потсети дека голем дел од ковид пациентите се јавуваат во болница доцна, кога состојбата премногу им се влошува и дека тоа е еден од главните фактори кои придонесуваат за високата смртност.

Од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) апелираат до граѓаните кои се позитивни на ковид-19, да не прифаќаат лекување во домашни услови, ако за тоа не се изјасни матичниот лекар и задолжително да побараат пишан документ за терапијата и начинот на лекување. Директорката на инспекторатот доктор Ирина Сотирова Бухова, вели дека апелот го упатуваат со цел да ги заштитат граѓаните и нивното здравје.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Германската семафор-коалиција согласна за легализација на канабисот

Следно

Започна процесот на пријавување за организација на ЕВРО 2028

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian